Писмото од УЕФА од 15 јуни со недостатоците на стадионот „Филип Втори“ за Суперкупот не патувало седум дена од ФФМ до Владата како што тврди Рашковски, туку само седум минути, реагираат од фудбалската федерација на Македонија.
Од ФФМ велат дека секој допис кој се однесува и е поврзан со организацијата на Супер Куп натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август го процесуирале до надлежните институции.
„Последниот, кој се споменува во медиумите е примен на 16. јуни, а по седум минути истиот ден, е препратен до одговорните лица задолжени за овој настан во Владата на РМ“, се вели во реакцијата на ФФМ.
Во однос на забелешките од УЕФА, од ФФМ велат дека тие ги следат сите реакции и навреме реагираат.
„Соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а Фудбалската федерација на Македонија доследно и навремено реагира на сите забелешки кои се однесуваат на нашиот дел од обврските. На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, тоа и се потврди.
На низа состаноци сите страни вклучени во проектот се запознаени со текот на подготовките, а исто така, инспекција на УЕФА беше присутна и на натпреварот Македонија-Шпанија, како еден вид генерална проба за Супер Куп натпреварот“, тврдат од ФФМ.
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски денеска на прес конференција рече дека писмото од УЕФА од 15 јуни со недостатоците на стадионот „Филип Втори“ за Суперкупот патувало седум дена од ФФМ до Владата.
Тој ја праша ФФМ што правела овие седум дена и зошто не го праќала. „Дали навистина има искрени намери сето ова да се одржи или едноставно ги прави работите да изгледаат покомплицирани, за после тоа да се докажуваме чија била вината. Загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, на угостителските објекти, на репутацијата на земјата итн., нема да биде само на Владата на Република Македонија“, рече Рашковски.