Февруари е последна можност за избори и да дојде влада избрана од народот, вели Мицкоски

by Fokus

Втората половина на јануари и првата половина на февруари е последната можност за предвремени избори, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека би било неодговорно на есен да има предвремени избори, да се трошат десетина милиони евра во услови на криза, за потоа да има претседателски избори во март и во април.

– Би било неодговорно така да се постапува. Затоа ценам дека ова е последниот момент, рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во општина Кисела Вода. Според него, неодговорно е повеќе оваа Влада да продолжи да функционира.

– Се погласно е незадоволството во рамките на пратеничките групи на партиите коишто ја поддржуваат оваа Влада. Тука пред се мислам на ДУИ и на СДСМ бидејќи гледаат како државата тоне, назадува, нема реформи, нема резултати, неспособни криминални политичари ја водат таа Влада и охрабрен од тие сигнали што ги добивам од пратеничките групи на СДСМ и ДУИ, мислам дека оваа година ќе се најдат 61 пратеник коишто ќе го распуштат овој Парламент, рече Мицкоски.

Ќе одиме на предвремени парламентарни избори, нагласи тој.

– И потоа ќе дојде една влада која што ќе биде избрана од народот, народна влада, а не избрана во тесен круг на луѓе или премиер избран од тесен круг на луѓе, која што ќе работи за интересите на народот и на државата, а не за личите или партиските интереси.  Така што, охрабрен од овие сигнали мислам дека имаме голема шанса тие два датума 14 или 21 мај да бидат изборни датуми и да видиме на крајот на денот ако навистина верува во тоа што го зборува Владата на ДУИ и СДСМ дека добро работат, дека се навистина успешни ќе можеме тоа да го провериме на избори, така? Народот да си каже, народот е суверен на државава. Не се функционерите на ДУИ поддржани од СДСМ суверени во оваа држава, рече тој.

Поврзани новости