Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото обвинителство во Скопје

by fokus

Вишата обвинителка Фатиме Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото скопско обвинителство, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.

Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски ни посочи дека примиле имејл со известување за повлекување на кандидатурата на обвинителката Фетаи, но сепак посочи дека ќе мора да се слушне со обвинителката за да ја потврди веродостојноста на информацијата, односно да се утврди со сигурност дека таа го испратила известувањето.

Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за 21 ноември. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите, но неофицијално сепак се шпекулираше дека членовите не можат да се усогласат, односно имало отстапувања од првичниот план за кого да гласаат.

Веќе подолго време се шпекулира дека на чело на ова обвинителство повторно ќе застане актуелниот шеф, односно
Мустафа Хајрулахи, кој се очекуваше да добие и втор мандат. Но, по откажаната седница во понеделникот се создаде впечаток дека сепак во игра влегува и обвинителката Фетаи. Како трет кандидат пак е пријавен вишиот обвинител Бурим Рустем.

Сега по повлекувањето на Фетаи, одново се расчисти патот за Хајрулахи.

Од политичката партија Левица обвинија дека, покрај тоа што на чело на Организиран застанал Ислам Абази, кого го нарекуваат „пион на ДУИ“, исто така и актуелниот шеф на Вишото обвинителство важел за близок на ДУИ.

„Изборот за нов шеф беше одложен, а еден од кандидатите е досегашниот обвинител Мустафа Хајрулахи. Токму Хајрулахи, како шеф на ова обвинителство, го држеше предметот во фиока за првостепено осудените Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ повеќе од една година, наместо законски предвидениот рок од месец дена и не го доставуваше до Скопска апелација“, обвинија од Левица.

Во понеделник членовите на Советот ќе „бираат“ меѓу Хајрулахи и Рустеми.

Валентина Вурмо

Поврзани новости