Обвинителката Фатиме Фетаи нема право на жалба. Вака накусо на денешната седница и порача Советот на јавните обвинители на Фетаи која до нив испрати барање за преиспитување на одлуката со која ја исфрлија од трката за републички јавен обвинител. Советот остана на својот став дека вишата обвинителка имала некомплетна документација. Фетаи пак појаснуваше дека ги исполнува условите, поради што бараше преиспитување на одлуката.
-Сметам дека во целост ги исполнувам законските услови за Јавен обвинител на РСМ предвидени во чл.61 и чл.62 ст.1 од Законот за јавното обвинителство. Заради повреда на моето право за понатамошно учевство во постапката за именување на ЈОРСМ, и писмено ќе се обратам до Советот на јавните обвинители со образложено барање за преиспитување на Одлуката за отфрлање на документацијата како некомплетна, ни изјави неодамна обвинителката Фетаи.
Според членовите на советот Фетаи не доставила уверение за познавање на македонскиот јазик и уверение за деловна способност. Но ова, како што веќе појасни обвинителката, се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнува бидејќи и во моментот е јавен обвинител.
-Познавањето на македонскиот јазик и уверение за деловна способност се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнуваме уште кога сме избрани за обвинители. Доколку не ги исполнуваме овие два услови воопшто не би можеле да работиме како обвинители, ни изјави Фетаи.
Советот на јавните обвинители зелено светло му даде само на Љупчо Коцевски, а од трката ја исфрли и обвинителката Лидија Раичевиќ.
Фетаи сега чека одговор и од Владата и Собранието од кои побара да ја стопираат постапката за избор на шеф на републичкото јавно обвинителство.
Валентина Вурмо