Вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, која вчера беше исфрлена од трката за републички јавен обвинител од Советот на јавните обвинители, поради некомплетна документација, за ,,Фокус” појаснува дека не се откажува и не запира тука, бидејќи во целост ги исполнува законските услови.
-Сметам дека во целост ги исполнувам законските услови за Јавен обвинител на РСМ предвидени во чл.61 и чл.62 ст.1 од Законот за јавното обвинителство. Заради повреда на моето право за понатамошно учевство во постапката за именување на ЈОРСМ, во текот на утрешниот ден и писмено ќе се обратам до Советот на јавните обвинители со образложено барање за преиспитување на Одлуката за отфрлање на документацијата како некомплетна, ни изјави обвинителката Фетаи.
Таа појаснува дека ќе побара и стопирање на постапката за избор.
-Воедно, ќе бидат поднесени и две други барања, и тоа: до Собранието на РСМ како надлежна институција за проверка на уредноста/комплетноста на документацијата, како и до Владата на РСМ заради стопирање на понатамошн тек на постапката за именување на ЈОРСМ се до конечно утврдување на (не)правилноста на Одлуката на Советот од 27.12.2023 година.
Според членовите на советот Фетаи не доставила уверение за познавање на македонскиот јазик и уверение за деловна способност. Но ова, како што вчера појасни обвинителката, се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнува бидејќи и во моментот е јавен обвинител.
-Познавањето на македонскиот јазик и уверение за деловна способност се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнуваме уште кога сме избрани за обвинители. Доколку не ги исполнуваме овие два услови воопшто не би можеле да работиме како обвинители, ни изјави Фетаи.
Советот на јавните обвинители зелено светло му даде само на Љупчо Коцевски, а од трката ја исфрли и обвинителката Лидија Раичевиќ.
Валентина Вурмо