,,Напредувањето во кариерата, само во исклучителни случаи, а не како општо правило, зависи од реалните резултати и постигнувања, знаења и интегритет”.
Оваа, меѓу другото, денеска го кажа вишата обвинителка Фатиме Фетаи на панел-дискусија „Основите на европската интеграција: Владеење на правото и спроведени реформи” во рамки на Петтата пленарна сесија на Национална конвенција за ЕУ во Северна Македонија, што се одржа во Собранието.
Фетаи, покрај изразената разочараност дека во обвинителската фела не напредуваат само најдобрите, посочи на одговорноста на правосудната фела, на угледот на професијата, како што рече, и за вистински стандарди.
-Можеби проблемот е во тоа што не на сите обвинители им одговараат европски стандарди, не сме сите обединети во таа борба, затоа што тие европски стандарди некому не би му служеле, или пак, согласно тие европски стандарди некој обвинител не би можел да напредува во кариерата, оцени таа.
Оваа состојба, посочи Фетаи, влијае и на мотивацијата на работа.
Перцепцијата на јавноста, додаде Фетаи, во голема мера зависи и од политичко-сензитивните случаи, ако се има предвид дека токму тие случаи се лакмус на отпорноста на општеството во справуањето со организираниот криминал и справувањето со високата корупција.
-Во однос на другите случаи, каде соодносот на моќта и влијанието не е толку изразен, обвинителствата се трудат да си ја завршат својата работа, иако постојат одредени потешкотии, истакна Фетаи.
Таа додаде дека реформите во правосудатвото мора да се спроведат, пред се поради нас самите.
-Процесот на ЕУ интеграција, темпото играат голема улога во реформите на правосудството. Факт е дека овие реформи се наша домашна работа. Факт е дека овие реформи ние треба да ги спроведеме заради нас самите, заради државата, рече Фетаи.
Инаку, неодамна Фетаи се повлече од трката за шеф на Вишото обвинителство во Скопје.
Потпретседателот на Европското движење Мухамед Халили рече дека Извештајот на Прибе од 2019 даваше одредени насоки како да се реформира правосудниот систем но за жал, вели тој, веќе 30 години зборуваме за реформи, посебно за реформите во судскиот систем и правосудството.
-Од тие 30 години, 25 години сме зборувале дека државата ги исполнува сите критериуми за членство во ЕУ но за жал Грција е таа што ни пречи, што беше и вистина. Ние проблемот со Грција го решивме, меѓутоа, судството и правосудниот систем се уште стагнира и се уште добиваме задоволителни оценки од ЕУ, а тоа значи двојка, или 2 плус, оцени Халили.