Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ по 31-ви пат распишува конкурс за нови композиции, кои ќе бидат изведени на 30-ти и 31-ви август 2024 година. На сцената Долни Сарај во Охрид ќе се случуваат двете вечери на фестивалот, Фолк и Интернационалната.
Фолк- вечерта ќе се одржи на 30-ти август и освен новосоздадени фолк песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе можат да учествуваат и странски автори – од регионот и пошироко.
Интернационалната вечер е закажана за 31-ви август годинава, информираат од организацијата, и додаваат дека „Охрид фест“ целиот акцент го насочува на новите пејачки надежи: соочени со константен недостиг на млади пејачи, фестивалот дава голема подршка на дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 31-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“, и во Фолк и во Интернационалната вечер.
-Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи „Охрид фест“ го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот што е извонредна можност за нивното промовирање. На истата сцена, во 1998 година Тоше Проески ја испеа „Усни на усни“ и го започна својот блескав музички пат- посочуваат.
Рокот за поднесување на пријавите е до први јуни 2024 година.
Вики Клинчарова