Фестивалот на книгата доживеа дебакл: Издавачите разочарани, посетителите се броеја на прсти!

by Fokus

Од 7. до 12. септември во Скопје, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржа книжевниот фестивал на книгата „Скопје чита“. И покрај тоа што кај издавачите владееше оптимизам за посетеноста на овој настан, со оглед дека во мај месец се одржа традиционалниот Саем на книга, овој фестивал доживеа тотален дебакл.

Издавачите едногласни – посетеноста мошне слаба, а можеби и недоволното рекламирање на фестивалот си го направија своето.

„Одржувањето на овој настан беше со најдобри намери. Претходно го немавме традиционалниот затворен Саем на книга, па се организираше овој период. Сепак, околностите се други, а го имаме истиот термин. Луѓето се по одмори, користат продолжен викенд. Ова е едно искуство за сите нас за во иднина. Јас сметам дека треба да се обидеме да видиме дали може да се организираат две големи саемски манифестации да опстојат во Скопје. Сигурен сум дека овие термини мај и септември не би биле добри. Мислам дека е потребно поголемо растојание помеѓу две вакви манифестации“, вели Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-Или“.

И посетителите без претерана еуфорија од овој настан, сметаат дека временскиот период е мошне брз за повторно одржување на книжевна манифестација.

„Фестивалот беше слабо изрекламиран, некои луѓе не ни знаеја дека воопшто се одржува. Кај издавачите може да се најде од се по нешто, но мислам дека е доволен еден Саем на книга годишно. Ако сум бил во мај, тогаш зошто повторно би доаѓал во септември на ваков настан“, вели еден од посетителите.

Писателот Петар Андоновски смета дека ова е еден од најлошите книжевни саеми и тоа се должи на повеќе фактори.

„Интересот и одзивот се многу мали. Мислам дека немаше доволно реклама, а да не заборавиме дека имавме продолжен викенд. Тука секако е и кризата која владее во светот. Мислам дека ова е еден од најлошите саеми што некогаш постоеле. Според мене доволен е еден Саем на книга“, вели Андоновски.

Останува да видиме дали организаторите на саемот ќе научат нешто од оваа ситуација и ќе се задржат на традионалниот Саем на книга кој отсекогаш се одржувал еднаш во годината.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости