„Крај Вардарот Џез Фестивал“ стигна до своето петто издание. Фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање на извонредни автори и изведувачи од македонската музичка сцена во полето на џез, светска и современа музика, и нејзина видливост и позиционирање, како во домашен, така и во меѓународен контекст.
Како еден сегмент од целото работење на ПМГ Џез, со веќе 46 изданија на македонска музика, ,,Крај Вардарот Џез Фестивал” како своевидна платформа, секоја година во континуитет на домашната публика и ги претставува најквалитетните и рецентни авторски остварувања од високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признаени таленти, информираат од организацијата на настанот, кој ќе се состои од три вечери, и тоа првата на 20-ти април, втората на 23-ти април и третатат на 27-ми април.
Како што појаснуваат, годинашното фестивалско издание нуди исклучителна програма селектирна од Попов и Дробицки која ги надминува границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.
-Програмата опфаќа интердисциплинарен пристап на македонска авторска музиката споена во изведбен акт со македонската поезија и проза (Поетроника на Салпе и Митковски и Мирисот на липите на Дуња и Тина Иванови), настап на два исклучителни музички ансамбли (Биг Бендот со интерпретација на селектирани дела од доајенот на современата џез композиција Кире Костов и Маседониан Фри Сосајети, октет од извонредни современи џез музичари кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика) и младиот авангарден состав Кобалт Код Јунит, чија музика ја спојува традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.
На тој начин веќе петта година по ред го развиваме профилот на фестивалот како уникатен и квалитетен културен настан, ценет и очекуван од публиката, која има потреба од овој нов пристап кон градење на современ македонски музички и културен идентитет- откриваат од организацијата на фестивалот.
Исто така, известуваат дека настанот ќе се одржи во чест на Мирко Попов, авторот и продуцент на македонска електронска музика, кој почина на 24-ти март, на 51-годишна возраст.
-Со длабок поклон, „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ го реализираме во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на овој фестивал и целокупната музичка дејност поврзана со работата на ПМГ Џез како сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа ПМГ Рекордингс, активна од 1998 година. Со голема жар и посветеност заедно со Дробицки работеа на програмата на годинашното фестивалско издание, чија реализација не успеа да ја дочека. Тимот на ,,Крај Вардарот Џез Фестивал 2024” во негова чест и во чест на музичката сцена која Попов неуморно ја развиваше, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание.
Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје, како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардарo” кој беше и инспирација за името на фестивалот, соопштија од фестивалот.
Програмата на ,,Крај Вардарот Џез 2024” се состои од три вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.
Вики Клинчарова