Популарниот кларинетист и саксофонист Ферус Мустафов (73) е првиот кој гостуваше кај јутјуберот Стефан Лазаров во видео интервју, по случувањата со објавата на неговото видео интервју со новинарот Драган Павловиќ Латас.
Како што известија на 21-ви февруари, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
Од судот соопштија дека на Лазаров му се определува мерка на претпазливост заради присуство на обвинетиот и тоа – Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.
По видеото со Латас, Лазаров објави и видео со порно актерот Гоце Гиновски, познат како Карло Бос, но во тој период се уште не беше оформен судски предмет против јутјуберот.
Спорното видео предизвика лавина од реакции кај јавноста, а со осуда и барање на превземање на законски мерки се огласија и голем број на здруженија и организации.
Јавноста реагираше и со апели до спонзорите на јутјуберот, и се бараше да ја прекинат соработката со него, односно да го стопираат финансирањето на неговиот подкаст.
По вознемиреноста која ја предизвика интервјуто со новинарот, се наметна и прашањето дали во иднина јавни личности ќе прифатат да гостуваат во неговиот подкаст, а Ферус е првиот кој на некој начин го скрши мразот.
Во интервјуто со него кое е објавено на каналот на Лазаров на Јутјуб, објавена е и информација дека оние кои сакаат да го поддржат финансиски подкастот, може да донираат онлајн.
Вики Клинчарова