Феникс патриотизам!

by Фокус

За ВМРО-ДПМНЕ, патриотизам е да заработиш на грбот на народот, да му ги украдеш парите на народот во име на нивната замисла за тоа што е патриотизам, и сето тоа дозирано на начин што ќе им ги украдеш нивните пари во размер да има за сите – за партијата, за шефот, за себе, за прво второ и трето колено…

Пишува: Бисера КОСТАДИНОВСКА-СТОЈЧЕВСКА

Последната година мошне често слушаме за патриотизам, идентитет, култура, јазик, па потоа се додава придавката изгубен пред сите овие концепти од одредена групација способна и желна за уназадување, а не за напредок и подобрување, и човек навистина да се праша што е проблемот со идентитетот и патриотизмот?

Зошто како да не зборуваме за ист концепт на патриотизам? Зошто како да не зборуваме за ист идентитет? Дали сите активни чинители во оваа држава живееме во истата држава?

Каде е проблемот? Зошто не се разбираме и уште поважно, дали ќе се разбереме? Јас лично мислев дека ќе се разбереме, сè додека на сцената не се врати фениксот.

РАЗМЕР 1:4

Фениксот постави еден нов поглед кон тоа што е патриотизам за ВМРО-ДПМНЕ групацијата – мора да ја наречам групација бидејќи само групација на алчни, гладни, лоши и себични луѓе можат да исперат толку пари во име на идентитетот?!

Фениксот ни покажа дека патриотизмот и мерењето на истиот оди во соодветен размер. Оди поврзан и сврзан со одредени договори, анекс договори, колку повеќе, толку подобро, и најважно од сè – соодветен размер.

По она што го видовме, тоа да ти бил 1:4. Или 4:1. За волја на вистината, некогаш е 1:2, но никогаш не е 1:1. Или, малку да појаснам за да може секој да разбере, да не паднат пак во транс кога не можат да разберат што зборуваме…

За ВМРО-ДПМНЕ, патриотизам е да заработиш на грбот на народот, да му ги украдеш парите на народот во име на нивната замисла за тоа што е патриотизам, и сето тоа дозирано на начин што ќе им ги украдеш нивните пари во размер да има за сите – за партијата, за шефот, за себе, за прво второ и трето колено…

Или уште попластично – ако еден споменик чини 300.000 евра цирка, ти плаќаш/прикажуваш дека чини 1.300.000 евра и велиш дека тоа е врв на патриотизам. А споменик да ти биде пример Ќосето. Само колку за пример.

Или еве уште еден пример. Те здоболуваат градите од чукање во нив дека ќе изградиш нова зграда на местото каде што била старата, ќе пишеш дека чини 36 милиони народни пари, па правиш преку 70 анекси на тој договор, и на крај на погрешна страна ја ставаш влезната врата, внатрешниот дел го бојадисуваш со прехранбена боја за торти, штедиш на изолација и покривна конструкција и не правиш технички прием, па кој ќе преживее, ќе раскажува.

А тие 36 милиони народни пари стануваат најмалку Х3, ама не можеме точно да утврдиме бидејќи ниту документацијата постои, ниту фирмите постојат.

САМО ПАРИ

Може уште еден пример. Патриотизам (ама овој феникс патриотизам) значи да се премислуваш кои постулати како партија ги следиш – Гоце, Даме или Иван.

Е во 1992 се колнеш дека го следиш делото на Иван, му правиш две восочни фигури ултраскапи, ја занемаруваш историјата на Иван, се поклонуваш пред него доследно, без исклучок дали згрешил кон твојот народ, па во блиската иднина 2022/2023 се одрекуваш од него, па по некое време пак потврдуваш дека дишеш за истите идеали како него.

Ама, најважно, и за Гоце има восочна фигура, ама нема храброст да се напише дали е Македонец или не. Зошто е тоа така? Затоа што нема тука размер. Тука или си или не си.

Можеби уште подобар пример за ваквиот вид на патриотизам може да се нарече хистерија патриотизам. Тоа значи, без исклучок, за секој еден настан, ситуација, единствена цел да си го мачиш народот со паника, со драмолетки, со лажење на сопствениот народ, со една единствена цел да се докопаш до шанса повторно да си патриот во одреден размер.

Да сумирам за овој вид патриотизам: ПАРИ, ПАРИ и само ПАРИ. Ама пари заработени строго со крадење од сопствениот народ. И тоа строго исконтролирано во колкав размер за да се исплати.

Можеби подобро ќе биде да се нарече украден патриотизам бидејќи се темели на крадење, измама, преслекување на историјата, со една единствена цел – пари. Тоа е тој патриотизам, кој, мора да признам, и на батерии да е, единствен полнач има во Белата палата.

Никаде на друго место во светот. Само таму во процесот на полнење се надополнува поривот за повеќе пари. За ништо друго. Оригинален феникс патриотизам. Само парите се тригер за појава на истиот. Ништо друго. Пак и пак и пак.

Вториот вид на патриотизам го живееме веќе седма година. Зголемени плати, зголемени пензии, рамноправни договори со сите социјални партнери, враќање пари кај граѓаните, стабилен пензиски фонд.

Обезбедување европска иднина. Подобрување на животниот стандард. Помош на граѓаните. Економска поддршка. Зголемени субвенции. Некриминално работење.

Каде е полначот за овој вид патриотизам? Во секој еден од нас. Во секој што сака напредок за државата и иднина за своите деца, внуци и пријатели.

Овој патриотизам не ја преслекува историјата и не краде во име на културата. Ги остава да постојат и да се развиваат. Ги остава да биднуваат. Не предизвикува масовна хистерија. Не прави паника.

Овој вид патриотизам само бара храброст, верба и волја. Толку едноставно.

(Авторката е потпретседателка на СДСМ)

Поврзани новости