Најдрастични беа примерите тужбите на тогашниот премиер Никола Груевски против опозициските лидери Зоран Заев и Тито Петковски, како и тужбата на директорот на тајната полиција Сашо Мијалков против неделникот Фокус. Критички настроениот медиум беше чест гостин во судниците, а како тужители се јавуваа функционери од власта, но и новинари блиски до ВМРО-ДПМНЕ
Гордана ДУВЊАК
Покрај критиките за партизација на судството и на јавната администрација, во периодот на владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ беа упатувани сериозни забелешки и околу задушувањето на слободата на говор и изразување. Поднесувањето тужби за клевета и навреда од страна на високи партиски и државни функционери против опозицијата, против новинари и медиуми беа користени како средство за притисок и заплашување.
Според податоците на СКУП Македонија, добиени од 22 суда по Законот за слободен пристап до информации, во периодот од 2011 до 2016 година биле поднесени над 1.800 тужби во судовите во земјава. Од нив, околу 1.000 се покренати во 2011 и 2012 година, пред декриминализацијата на навредата и клеветата, по што бројката на тужби опаѓа. Најмногу тужби се евидентирани во 2012 година, кога биле регистрирани 330 тужби.Тој број по декриминализацијата почнува да паѓа и во 2016 година имало 40 тужби.
ДУШЕВНИТЕ БОЛКИ НА ПРЕМИЕРОТ
Најголемиот број од тужбите биле во скопските судови, па така само во скопскиот кривичен суд во 2011 и 2012 година биле поднесени 367 тужби. По донесувањето на Законот за декриминализација (граѓанска одговорност), споровите за клевета и навреда преминаа во рацете на граѓанскиот суд.
Биле тужени политичари и бизнисмени, но од притисокот не биле поштедени ниту новинарите.Тие се јавуваат во својство на странки во постапките во 173 предмети, а „седмата сила“ била тужена во дури 117 предмети. Новинарите се одлучиле да тужат во 17 предмети, а меѓусебно се тужеле во дури 39 предмети.
Најдрастични беа примерите тужбите на тогашниот премиер Никола Груевски против опозициските лидери Зоран Заев и Тито Петковски, како и тужбата на директорот на тајната полиција Сашо Мијалков против неделникот Фокус. Критички настроениот медиум беше чест гостин во судниците, а како тужители се јавуваа функционери од власта, но и новинари блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Десет илјади евра беше казната којашто му беше изречена на лидерот на НСДП, Тито Петковски, којшто беше тужен од страна на тогашниот премиер Никола Груевски. Судот во јули 2013 година донесе пресуда со која Петковски беше осуден за клевета на Груевски. Тужбата беше поднесена поради изјава на Петковски за неделникот Фокус дека Груевски се согласил за промена на името, за што тој побара 15.000 евра поради нанесена „душевна болка“.
Граѓанскиот суд во Скопје во 2014 година донесе пресуда околу тоа дали опозиционерот Зоран Заев го наклеветил премиерот Никола Груевски со обвинувањата за сторен криминал при продажбата на Македонска банка. Груевски тврдеше дека со клеветата му била нанесена тешка душевна болка и дека е нарушен неговиот и угледот на неговото семејство.
Тој додаде уште и дека интензитетот од нападите на неговата личност бил толку голем, што иако бил човек со висок праг на толеранција, сепак одлучил да поднесе тужба против лидерот на СДСМ. Првичното барање беше за половина милион евра, но адвокатот на Груевски го намали побарувањето од 500.000 на 50.000 евра со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку мотивот бил да се докаже чесноста на премиерот.
СО ТУЖБИ ДО САМОЦЕНЗУРА
Апелациониот суд во Скопје, две години по донесувањето на пресудата со која Заев беше осуден на парична казна од 50.000 евра за клевета и навреда на тогашниот премиер Груевски, реши да го врати случајот на повторно одлучување. За Апелациониот суд немаше дилема дека Груевски е наклеветен, и во тој поглед, неговата одговорност е потврдена. Но, повисокиот суд побара да се повтори постапката за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.
Македонија стана препознатлива и по тоа што беше една од ретките земји во Европа кадешто новинар беше осуден на затворска казна. Случајот со новинарот Томислав Кежаровски беше „школски пример“ за притисокот врз медиумските работници. Тој во 2013 година беше осуден со казна затвор за откривање на идентитетот на заштитен сведок во текст објавен во 2008 година. Но, симптоматично беше тоа што целиот процес против него почна во моментот кога објави истражување за сообраќајната несреќ во којашто животот го загубисопственикот на неделникот Фокус, Никола Младенов.
Некаде во тоа време, во критичната 2013 година, еден од најмоќните луѓе во државата,шефот на тајната полиција и братучед на премиерот, Сашо Мијалков, поднесе тужба и против главниот и одговорен уредник на весникот Фокус, Јадранка Костова, како и против новинарот Владо Апостолов. Повод беа два објавени текста, кои се темелеа на изјави на поранешниот амбасадор во Република Чешка, Игор Илиевски. По една година Судот донесе одлука згаснатиот весник Фокус да му плати 9.000 евра обесштетување на Мијалков за нарушување на честа и угледот. Главната уредничка Костова е казнета со 5.000 евра, а новинарот Апостолов со 1.000 евра. Новинарите од неделникот не криеја дека токму ваквите судски пресуди многу влијаеле да се зголеми чувството на самоцензура, бидејќи работеле во грч и неизвесност.
ЗАМОЛЧУВАЊЕ НА КРИТИЧКАТА ЈАВНОСТ
На ваквата драстична пресуда реагираше и Здружението на новинари на Македонија.
„Судот ја испушти можноста да донесе праведна одлука, која ќе биде во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и со практиката на Европскиот суд за човекови права“, оцени во таа пригода Здружението на новинарите на Македонија по одлуката на скопскиот Апелационен суд да ја потврди пресудата по тужбата на Сашо Мијалков против Фокус.
ЗНМ го повика Мијалков, и покрај правосилната судска пресуда, да се откаже од 9.000 евра, од кои 6.000 евра се санкција, а 3.000 евра судски трошоци, пари што треба да му ги платат осудените новинари.
Скопскиот адвокат Филип Медарски беше еден од најангажираните бранители во одбрана на новинарите и граѓанските активисти во судските процеси против нив.
„За жал, сметам дека тужбите навистина се користат за притисок, за реваншизам, но и како средство за заплашување и замолчување на критичката јавност‒не само на новинари од критички настроени медиумитуку и кон целата критички настроена јавност“, оцени Медарски за СКУП.
Состојбите во медиумската сфера најдоа свое место и во Извештајот на Прибе, кадешто јасно се наведува дека: „Дејствијата на клевета не треба да се користат како средство за задушување на дебатата или пречка за јавните личности да се повикаат на отчетност. Постои особено загриженост кога политичарите тужат новинари за клевета, но и кога тужат и други политички личности, наместо да ги решаваат нивните разлики преку други средства како јавна дебата.“
ГОВОРОТ НА ОМРАЗА НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ГО ПРЕПОЗНАВАА И ГЛЕДАА
Во Македонија постои говор на омраза кој може да доведе и до насилство од омраза, а причините што е често присутен се неговата непрецизна уреденост во законите и речиси никаквата практика за санкционирање во правосудството. Ова е заклучокот што можеше да се прочита во речиси сите домашни анализи, коишто со години го тангираа ова прашање.
И покрај тоа што невладините организации редовно детектираа и пријавуваа случаи кои можеа да се сретнат по социјалните мрежи, но и во медиумите, а кои се однесуваа на социјално ранливи групи, но и на политички неистомисленици и критичари на власта, говорот на омраза не се санкционираше. Бројките се поразителни, бидејќи обвинителството нема поднесено ниту едно обвинение по двата члена од Кривичниот законик кои го регулираат ова прашање.
Предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа е предвидено во членот 319 од КЗ, додека ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем е регулирано во член 394-г од истиот закон.
Законските дефиниции за говор на омраза и за клевета и навреда се различни, иако начинот и средствата со кои се манифестираат овие дела честопати се идентични. Говорот на омраза во основа е ширење расистички и ксенофобичен материјал што помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група… Додека клеветата и навредата се искажување на невистинити факти за одредена личност, неговиот карактер, работата…
Иако во дефиницијата на престапот се слични и можеби навлегуваат едно во друго дело, сепак законски тие се регулирани со различни закони. Имено, клеветата и навредата веќе не се дел од Кривичниот законик и не претставуваат кривично дело, туку се регулираат со Законот за граѓанска одговорност. Тоа во практиката значи дека оној што смета дека против него се изречени клевети или навреди треба самиот да поведе граѓанска постапка пред надлежниот суд. Од друга страна, говорот на омраза е дел од Кривичниот законик и за него може да поведе постапка Јавното обвинителство по службена должност, или тој што се чувствува загрозен.
Од Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права во Македонија ревносно ги детектираат, истражуваат и ги процесираат со кривични пријави случаите на говор на омраза, но од обвинителството нема никаква реакција. Најдалеку отишла нивната соработка со МВР, од каде понекогаш знаеле да им излезат во пресрет за идентификација на некоја ИП-адреса или, пак, им барале дополнителни информации.
Новинарите Миленко Неделковски, Јанко Илковски (Јади Бурек), Мирка Велиновска, Драган Павловиќ-Латас беа посочувани дека во ударни термини на телевизиски емисии, но и на социјалните мрежи, користат говор на омраза. Најчести цели биле ЛГБ-заедницата, националните малцинства, но и критички настроени поединци и групи кои биле етикетирани како „соросоиди“ и „предавници“.
Но, кривичните пријави против нив биле или игнорирани или отфрлани како неосновани со објаснување дека е тенка линијата меѓу говорот на омраза и слободата на изразување. Оваа алиби-позиција на обвинителството доведе до тоа да нема ниту едно процесирано обвинение.
Продолжува: СЈО‒НОВА НАДЕЖ ЗА ПОГОЛЕМА ПРАВДА
(Tекстот е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).