Телефонската комуникација оди отприлика вака: „Испратете камера, го апсиме оној криминалецот (Х.У.) и гледајте да не доцните, ќе биде интересно!“. Додека трае целата оваа операција, судот веќе го завршил својот дел од работата и одредил притвор. Доказите како да се најмалата грижа, бидејќи најчесто се обезбедуваат отпосле
Гордана ДУВЊАК
Многу брзо по неуспехот на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година,власта се обиде на предвремени парламентарни избори поразот да го претстави како успех. Откако победи на изборите, уследија спектакуларни апсења кои требаше да ја покажат решителната борба на владејачката гарнитура против организираниот криминал и корупција. Демонстрацијата на моќта немаше да биде толку видлива, доколку тоа не беше направено пред очите на јавноста и со помош на медиумите.
Сценариото беше многу едноставно.
Неколку дена пред апсењата почнуваа брифинзи, на кои се пуштаа „неофицијални гласови“ дека се подготвуваат апсења на „крупни ѕверки“. За да се овековечи апсењето и за да добие ударен третман на насловните страници во весниците и на телевизиите, од МВР навремено ги известуваа редакциите да бидат подготвени. Се кажуваше точниот временски термин кога инкриминираното лице ќе биде донесено пред суд.
Камерите и фоторепортерите набрзо заземаа позиција за да може да се овековечи мигот на доаѓање на осомничениот.Тој доаѓа со лисици на раце, безуспешно обидувајќи се да си го скрие лицето. Опкружен е со специјалци и полиција вооружена до заби. Блескаат блицеви, а камерите го следат движењето на лицето, сè додека не се затворат судските врати. Доколку случајно некои од влијателните и „пријателски телевизии“ го пропуштат спектаклот‒ тој се повторува. Одново, од почеток. Со точно определени сценаристички кадри. Осомничениот се носи од предната страна на судот, а не од задната, каде што постои директен, но и (по)дискретен влез во судот.
ПРИТВОРОТ КАКО КАЗНА
Набрзо се организира и прес-конференција, на која полициските првенци или портпаролот (во зависност од тежината на „ловот“) во детали го објаснуваат целиот случај. Не се избегнуваат дури ни тешки дисквалификации, што остава впечаток како лицето да е однапред осудено. Полицијата ќе каже дека постапувала „строго по Устав и закон“ и оти поседува несоборливи докази дека е направен криминал од големи размери.
Да биде иронијата поголема, во полициските соопштенија имињата на осомничените беа наведени со иницијали, водејќи се од принципот на презумција на невиност, но со точен опис на нивното работно место и инкриминираните дејствија. А, претходно, полицијата не само што го прекршила уставниот принцип туку го разнела на парчиња. Бидејќи телефонската комуникација оди отприлика вака: „Испратете камера, го апсиме оној криминалецот (Х.У.) и гледајте да не доцните, ќе биде интересно!“. Додека трае целата оваа операција, судот веќе го завршил својот дел од работата и одредил притвор. Доказите како да се најмалата грижа, бидејќи најчесто се обезбедуваат отпосле.
Експертите предупредуваа дека тешката артилерија што се користи во борбата против корупцијата не смее да го убие принципот на презумција на невиност. Но, за жал, полека, но сигурно, тој принцип стана мисловна именка. Стануваше појасно дека идејата е да се оцрнат луѓе и да се жигосаат во јавноста како криминалци, дури и доколку за нив не се поднесе обвинение или не добијат правосилна судска пресуда.
Властите останаа глуви и слепи на сите укажувања на експертите и на невладините организации, кои предупредуваа дека притворот не смее да претставува казна, туку треба да биде определен доколку постои опасност од бегство, повторување на делото или, пак, опасност од влијание врз сведоците.
Притворските решенија беа ставени на тест и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што повеќемина обвинети во предметот „Змиско око“ ја тужеа матичната држава. Беа констатирани неколку повреди на Европската конвенција, бидејќи меѓународниот суд утврди дека решенијата за притвор се речиси идентични за сите обвинети и без никакво образложение.
„НЕСОБОРЛИВИ ДОКАЗИ“
Карактеристичен пример за драматично и спектакуларно апсење, кое не заврши со судска постапка, е приведувањето на главниот извршен директор на Т-мобиле, Рубинчо Заревски, осомничен дека во текот на 2003 година, додека бил на чело на Фондот за здравствено осигурување, склучил договор за набавкана медицински материјали со неповолен понудувач, со што го оштетил Фондот за околу 25.000 евра.
Заревски беше приведен на улица во центарот на градот додека шетал со сопругата, по што беше однесен на распит во полициската станица во Автокоманда. Камерите беа поставени пред полициската станица и пред судот, а по дваесетчасовниот „информативен разговор“ тој беше пуштен дома. Случајот заврши само со предистражна постапка и со вештачење.Заревски се повлече од функцијата во Т-мобиле, но никогаш повеќе не прозборе во јавноста за овој случај.
Ништо подобро не помина ниту познатиот пулмолог д-р Дејан Докиќ, кој исто така беше апсен на спектакуларен начин. Тој беше осомничен дека побарал и примил поткуп од пациент во висина од 300 евра, бидејќи, наводно, кај него биле пронајдени три банкноти од по 100 евракои претходно биле обележани. Професорот помина 15 дена во притвор во истражниот затвор „Скопје“. Целиот случај заврши на суд, по што докторот требаше да плати парична казна од 1.400 евра за незаконско посредување. Веднаш по апсењето и пред да се докаже дали е виновен или не, Докиќ беше експресно суспендиран и разрешен од раководната функција на Клиниката за пулмологија, каде што работеше во три мандати и постигна извонредни резултати.
Речиси истиот ден кога се случи апсењето на професорот Докиќ, тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, излезе на прес-конференција и, не почитувајќи го принципот на презумција на невиност, рече дека „пријавата што ја поднело МВР е издржана и многу сериозна, а доказите што ги обезбедивме се практично несоборливи“. Но,подоцна се покажа дека токму поради недостиг на докази, Јавното обвинителство имаше проблем со докажувањето на квалификацијата на кривичното дело и мораше да го смени во друго, поблаго дело.
ДИКТАТУРАТА НА ДЕЛО
Првиот човек на ОХИС, Јорго Ќука, беше приведен со лисици во моментот кога заминувал од работното место, иако немало никакви индиции дека се подготвува да избега или дека има намера да се спротивстави. Полицијата демонстрираше бруталност и при приведувањето на заменик-министерот Саша Андоновски на аеродром во моментот кога тој се враќал во земјата. Спектакуларноста не изостана ниту при приведувањето на кардиологот Борче Петровски, кој беше фатен во моментот кога легално се обидел да премине граница.
Апсењето, пак, „во живо“ на поранешниот министер за полиција, Љубе Бошковски, и тоа на само еден ден по завршените избори, беше филмско. Се случи пред влезот на една позната кафеана, кадешто тој беше апсен од страна на полицијата поради незаконско финансирање на изборна кампања,а на „самото место“ беше најден и доказниот материјал –пари сместени во пластична кеса.
Листата на апсења беше долга, а називите на полициските акции креативни: „Пепел“, „Змиско око1 и 2“, „Фаланга 1 и 2“, „Детонатор“, „Метастаза“, „Ликвидација“, „Калдрма“, „Шпион“, „Кампања“, „Ровер“, „Претседавач“, „Јустиција“, „Расколник“…
На 24 декември 2010 година,во вечерните часови, од просториите на неговата телевизија А1, беше приведен сопственикот Велија Рамковски. Уследиголема рација и апсење на неговите блиски роднини и соработници, меѓу кои, речиси сите поранешни и актуелни управители на многубројните фирми регистрирани на „Перо Наков“.
Велија, кој беше првоосомничен во предметот „Пајажина“, беше внесен од предната страна на судот, а по него и неговата постара ќерка Емел, неговиот брат и дваесетина други.
Со раце високо кренати во воздух за да се видат „лисиците“, Велија Рамковски при влегувањето во Кривичниот суд силно извикуваше: „Диктатурата на дело! Ова е демократијата на Груевски“. Само еден ден по притворањето на Рамковски, по барање на УЈП, со судски налог беа блокирани сметките на телевизијата А1, весникот Време, печатницата „Мисирков“, како и другите фирми на „Перо Наков“.
Медиумскиот магнат Велија Рамковски беше осуден на13 години затворпоради „перење пари“, даночно затајување, злосторничко здружување,а високи казни добија и неговиот син Хеди, кој беше во бегство и беше осуден во отсуство на 8 години затвор, неговата ќерка Емел, како и другите негови блиски соработници. Постигната беше и главната цел‒уништена беше најгледаната критички настроена телевизија, а нејзините вработени останаа на улица.
Во аналите на македонското правосудство, но и во светската збирка на бизарности ќе остане запаметен и случајот со „Монструмот од Кичево“, кој наводно на брутален и идентичен начин убил неколку повозрасни жени. Неколку години подоцна беше инспирација и за филмско сценарио и се најде во опусот на познатиот македонски режисер од светски глас, Милчо Манчевски, како дел одедна трилогија. Смртта на новинарот Владо Таневски во затворска кофа не им даде шанса на надлежните пред суд да докажат како мирниот и повлечен семеен човек немилосрдно ги силувал и убивал своите возрасни сосетки, а потоа известувал за тоа во медиумите.
ПРЕСМЕТКА СО НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ
Претставниците на МВР тврдеа дека имаат силни докази, поткрепени со остатоците од крвта што наводно Таневски ја оставил врз своите жртви, кои патем не соодветствуваа на неговата крвна група. За разлика од апсењето, кое беше многу спектакуларно и бучно, кога беа поканувани и странски медиумски куќи да направат репортажи за „монструмот“, надлежните не беа многу уверливи кога требаше да објаснат како можел да се удави во кофа со два литра вода. Се тврдеше дека нема траги на насилство, но во јавноста излегоа слики на кои се виде дека новинарот има повреди на телото и лицето. По ова изостанаа прес-конференции и тешки квалификации за психолошкиот профил на „убиецот“ кој имал трауми од детството.
Посебна дилема во јавноста се отвори и околу употребата на посебните истражни мерки, кои полицијата многу често ги применуваше. И покрај тоа што законските одредби пропишуваат дека тие треба да се применуваат заради обезбедување доказикои не можат да се обезбедат на друг начин и за кривични дела за кои е предвидена казна над 4 години, а се извршени од организирана група, тие се користеа неселективно. А подоцна се виде и масовно преку незаконското прислушување на илјадници луѓе, од кои огромен број не биле ниту осомничени, туку преку „големото уво“ се вршела контрола на сите оние кои се доживувале како неистомисленици и непријатели на режимот. Сознанијата добиени со помош на незаконското прислушување биле користени за уцени, притисок, дисквалификација, рекетирање, па дури и за местени судски процеси.
На чело на Обвинителството за организиран криминал од 2004 година беше Јован Илиевски, инаку баџанак на шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. И покрај тоа што во ретките медиумски настапи Илиевски тврдеше дека му пречи етикетата „баџанак“ и оти е професионално реализиран многу порано пред да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, во јавноста беше препознаван по роднинските врски, што остави голем сомнеж во неговата работа.Тој остана запаметен како човек преку кого експремиерот Никола Груевски и неговиот братучед Мијалков ги спроведуваа апсењата и пресметката со неистомислениците на режимот.
Кариерата ќе ја заврши како македонски судија во Европскиот суд за човекови права со мандат од девет години.Тој во февруари 2016 година ја наследи судијката Мирјана Лазарова-Трајкова. По истекот на мандатот, Илиевски треба да замине во пензија, што ќе му овозможи комотна позиција надвор од комплицираните македонски случувања. Останаа недокажани сомневањата дека наводно при неговиот избор имало силни лобирања, па дури и шпекулации за поткуп при гласањето во Советот на Европа.
Во времето кога раководеше со Обвинителството за организиран криминал, кое имаше привилегирана позиција на територијата на целата држава, Илиевски делуваше повеќе од сенка, додека на истурената позиција во Обвинителството беше државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски. Обвинителот Шврговски, иако беше „човек од внатре“, сепак, не криеше дека е во блиски пријателски релации со Мијалков уште од гимназиските денови, што го донесе и на позицијата прв човек на Обвинителството.
ПОСЛЕДЕН БАСТИОН НА РЕЖИМОТ
Во поновата историја Шврговски ќе остане запаметен како единствен државен обвинител кој успеа да го истурка целиот мандат од шест години до крај и да не биде предвреме разрешен, што се случи со неговите претходници при променатата на власта. Тоа во голема мерка се должеше на фактот што неговиот мандат се протегаше преку целото владеење на ВМРО-ДПМНЕ и не беше прекинат со промена на власта.
По истекот на мандатот, Шврговски немаше претензии за уште еден мандат, а на негово место од позицијата шеф на скопското јавно обвинителство дојде обвинителот Марко Зврлевски. Нему му се ставаше на душатоа што не покажа енергичност и ефикасност да се отворат крупни афери како „Скопје 2014“, „Актор“, „Македонска банка“, „Маѓартелеком“…Не реагираше ниту на исфрлањето на пратениците и новинарите од законодавниот дом за време на расправата за донесување на буџетот за 2013 година што се оддржа на 24 декември 2012 година. Но,најмногу заради политичкото инволвирање во случајот „Пуч“ во кој обвинет беше тогашниот шеф на опозицијата, Зоран Заев, како и забошотувањето на истрагата за крвавите собраниските настани од 27април 2016 година, која беше сведена само на учество во толпа на неколкумина насилници кои добија условни казни.
Игнорирањето на откривањето на аферата со масовното прислушување и појавата на „бомбите“ го забрза патот за формирање на Специјалното јавно обвинителство кое, всушност, беше резултат токму на нефункционирањето и блокадата на редовното обвинителство.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев на една од прес-конференциите презентираше пет телефонски разговори на високи носители во власта кои, според него, биле доказ за спрегата релација власт – правосудство. Меѓу нив беше објавена и снимка од телефонски разговор на кој се тврдеше дека се гласовите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, во кој се споменува името Марко. Од текот на разговорот се дозна дека токму (Марко) Зврлевски, по нарачка на Јанкулоска, донел јавнообвинителска одлука да отфрли кривична пријава против Ставрески.
Со промената на власта, новото парламентарно мнозинство покрена иницијатива за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој се доживуваше како последен бастион на режимот на Никола Груевски. Иницијативата беше покрената на 12 јули 2017 година и цели 40 дена се кршеа копјата од собраниската говорница. Тој беше разрешен дури на 17 август, и тоа со 64 пратенички гласа „за“ и ниту еден глас „против“ или воздржан. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на гласањето.
Ване ЦВЕТАНОВ, екс-директор на Дирекција за спречување на перење пари и претседател на невладината организација „Зелена лупа“
КОГА И КАКО ПОПУШТИ ПОСЛЕДНАТА БРАНА НА ДЕМОКРАТИЈАТА И ДРЖАВНОСТА-СУДСТВОТО
Од 2011 година започнуваат масовните апсења. Од тогаш започнуваат јавните, брутални и безобразни пресметки со сите политички противници, без око да им трепне, затоа што се сигурни дека контролираат СЕ! Апсолутно СЕ!
По победата во 2008 година и освојувањето на мнозинство од 63 пратеника, Никола Груевски целосно ја менува политиката кон соборците кои што го донесоа на власт и пред кои говореше за градење на подобра иднина, и започнува процес на нивно реинсталирање и отстранувања на маргинални позиции, а на клучните места носи луѓе кои немаат ни 10 отсто од потребните квалитети за определените партиски или државни функции, кои самосвесни за тоа, освен беспрекорна послушност и лојалност немаат што друго да му понудат за возврат.
Во услови на апсолутна власт, особено по локалните и претседателските избори во 2009 година, и со инсталирани слепи партиски послушници, започнува со процесот на паралелизација на државниот апарат. Започнува трендот на преземање на институциите од страна на Груевски и партијата. Веќе е доволен силен да инсталира паралелни системи на функционалност, па затоа започнува со операцијата.
Принципите на таа паралелизација на институциите се едноставни: не смее ништо да помине додека партијата не го одобри, па макар и било морално и законски обврзувачко. А за партиските наредби, кои мораше да се спроведат во институциите, веќе инсталираната партиска машинерија беше подготвена за спроведување на секоја наредба.
Главната операција за поклопување на правосудниот систем со партиско влијание ја водеа Михајло и Филимена Маневски за делот со судиите, а баџанакот Јово Илиевски за Јавното обвинителство. Наредбите доаѓаа лично од Никола Груевски, а логистичка поддршка за нивно спроведување доаѓаше од Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и Митко Чавков. После „падот на Црвенковски“ во 2011 година и признавањето на крајно сомнителните избори, попуштаат и најтврдокорните судии и обвинители.
Со обезбедено влијание и послушност во обвинителството и судството, а со создадени услови и поддршка на сите полиња започнува диктатурата. Од 2011 година започнуваат масовните апсења.
Од тогаш започнуваат јавните, брутални и безобразни пресметки со сите политички противници, без око да им трепне, затоа што се сигурни дека контролираат СЕ! Апсолутно СЕ!
За овој темен период постојат огромен број сведоштва и огромен број предмети кои, доколку станат предмет на анализа, би довеле да излезат на површина голем број неправилности. Здружението „Зелена лупа“, во еден проект предводен од ТранспаренсиИнтернешенал, направи анализа на 12 правосилни судски пресуди и во извештаите, кои се публикувани во книга, која е достапна на интернет, јасно се гледаат наодите од експертите.
Здружението „Зелена лупа“, исто така, преку друг проект поднесе 50 иницијативи за утврдување на одговорност на судии од кои 28 беа прифатени од тогашниот Совет за утврдување на факти, кој подоцна беше укинат. До ден денес Судскиот совет сè уште не собрал храброст да одлучува за поднесената иницијатива за одговорност на претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски.
Режимот работеше без грам совест, доблест, човечност и емоција. Газеше врз човечкото достоинство. Правосудниот систем е полн со примери како се пишуваа обвиненија без докази, како се изрекуваа пресуди без докази.
„Зелена лупа“ започна да се бори за правата на граѓаните кои се чувствуваат жртви на режимот. И постигна доста на ова поле. За жал, оваа невладина организација повеќе не се занимава со оваа проблематика, бидејќи НВОсекторот е окупиран и узурпиран од организации кои борбата за правда ја гледаат како бизнис и се претворени во фабрики за пишување на убави проекти.
Продолжува: ЛУСТРАЦИЈАТА КАКО АЛАТКА ЗА ПОЛИТИЧКА ПРЕСМЕТКА СО НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ
(Tекстот е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).