ФЕЉТОН: СЈО-нова надеж за поголема правда

by fokus

„Јас сум задоволен, имаме закон што гарантира целосна автономија, а Катица Јанева е обвинител кој нема политичка припадност“, ќе изјави тогашниот опозиционер Зоран Заев. Задоволен беше и тогашниот премиер Никола Груевски, кој ќе рече дека личноста што е избрана е висок професионалец

Гордана ДУВЊАК

Како резултат на (не)функционирањето на редовното обвинителство, предводено од државниот јавен обвинител Марко Зврлевски и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но и како директна последица на ескалацијата на политичката криза со објавувањето на „бомбите“ од страна на опозиционата СДСМ, се наметна потребата од формирање на ад хок обвинителство со ограничен мандат и точно определена мисија.Неовластеното следење на комуникациите се однесуваше на периодот меѓу2008 и 2015 година.

Специјалното јавно обвинителство беше формирано со договор меѓу четирите главни партии во Парламентот на 15 септември 2015 година. Основната мисија на СЈО беше да одговори на прашањето кој стои зад масовното прислушување, но и да ги расветли кривичните дела произлезени од нелегалното прислушување.

АНОНИМНАТА СУДИЈКА БЕШЕ КОМПРОМИСНОТО РЕШЕНИЕ

Власта и опозицијата постигнаа договор околу законот, но и за изборот на 50-годишната Катица Јанева за прв човек на СЈО. Анонимната гевгелиска судијка беше компромисното решение кое исплива пред неколку далеку позвучни имиња кои не можеа да добијат поддршка поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

Она што е значајно да се спомене е дека Законот за формирање на Специјалното јавно обвинителство беше изгласан во законодавниот дом со поддршка од 111 пратеници од вкупно 114 присутни, без ниту еден глас против, а во Советот на јавните обвинители обвинителката Јанева беше едногласно избрана за оваа функција.

„Јас сум задоволен, имаме закон што гарантира целосна автономија, а Катица Јанева е обвинител кој нема политичка припадност“, ќе изјави тогашниот опозиционер Зоран Заев. Задоволен беше и тогашниот премиер Никола Груевски,кој ќе рече дека личноста што е избрана е висок професионалец.

Во материјално-правна смисла, СЈО беше комплетирано со изборот на вкупно 12 обвинители од страна на Советот на јавни обвинители на 14 октомври и на 4 ноември 2015 година. Треба да се нагласи дека СЈО беше организирано согласно начелото на автономност, што значи дека ниту еден јавен обвинител, вклучувајќи го и јавниот обвинител на Република Македонија, не можеше да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со конкретни предмети.

На СЈО му беше дадено и законско право да може да преземе контрола врз предмети поврзани со незаконското прислушување, а кои се во надлежност на Јавното обвинителство во која било фаза од постапката, односно самостојно да ја одредува сопствената надлежност. За својата работа, првиот човек на СЈО одговараше пред Собранието на РМ и пред Советот на јавни обвинители.

Начелото на автономија беше изразено и во однос на начинот на финансирање на Обвинителството, со тоа што Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Македонија не можеа да го менуваат финансискиот план подготвен од Специјалното јавно обвинителство и беа должни да го вградат во буџетот на Јавното обвинителство на Република Македонија.

ВЕРБАЛНИ НАПАДИ И ОПСТРУКЦИИ

На 30 декември 2015 година, СДСМ до Специјалното Јавно обвинителство достави цврст диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма, коишто по приемот беа сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување ваков вид материјали. На екстерниот цврст диск беа сместени вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) аудиофајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајла се со различен формат (word, excel, PDF и други).

Во печатена форма беа доставени вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници на кои се содржани вкупно 119.088  (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС-пораки. Доставени се и вкупно 1 828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листа печатен текст, кои не беа нумерирани.

Првиот предмет на тимот на Катица Јанева беше за нерегуларности на изборите во 2011 година под кодното име „Титаник“, а потоа следуваа и низа други предметикои имаа заеднички именител во тоа што сите почнуваа на буквата „Т“. Со првите прес-конференции на тројката медиумски најекспонирани обвинителки ‒Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, почна да расте и поддршката за нив. Испитувањата на јавното мислење во тој период покажуваа огромна поддршка, па така, според едно истражување на американскиот Меѓународен републикански институт во 2016 година, работата на СЈО ја поддржуваа дури 63 отсто од граѓаните.

Беа потребни само неколку месеци за перцепцијата на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ за Специјалното јавно обвинителство да се смени. Уште во декември 2015 година почнаа нападите дека Јанева е продолжена рака на СДСМ и Заев. Најпрво нападите беа во полуотворена форма, а потоа и сè подиректни. Највисоките претставници на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да ја користат секоја можност за напад врз институцијата откако почнаа да се отвораат првите истраги, а примерот го следеа и институциитекои беа упатени на соработка.

Опструкциите беа видливи во комуникацијата со Советот на јавните обвинители, Судскиот совет, Кривичниот суд, но и Централниот регистер, Катастарот. Притисоците беа забележани и од меѓународната заедница која побара да не се прават опструкции на патот на правдата, а дел од акредитираните амбасадори во земјава и самоиницијативно се појавија на прес-конференција на СЈО за да дадат отворена поддршка.

САМО ТРИ ПРЕДМЕТИ СО СУДСКА РАЗВРСКА

Првиот случај што го презеде во работа СЈО од редовното обвинителство на 14 декември 2015 беше случајот „Пуч“, кој беше покренат против опозицискиот лидер Зоран Заев и петмина други лица, кои наводно сакале да ги уценуваат премиерот Никола Груевски и високи функционери од власта, а во интерес на странски служби. СЈО се прогласи за надлежно и за преостанатите 33 предмети.

Главните истраги беа спроведени во текот на 2016 година околу тоа кој прислушувал, како и за злоупотреби на службената должност на поранешни функционери на власта, што резултираше со обвиненија за дваесет случаи, што завршија во судска постапка. Од нив три се за изборни манипулации („Титаник 1,2 и 3“), две за незаконското прислушување и уништување на опремата („Тврдина и Таргет“, „Тврдина 2“), за даночно затајување, незаконско посредување, злоупотреба на службена должност при набавка на возила, изградбата на автопатот, насилство, уривање на објект.

Беа отворени и неколку нови истраги, меѓу кои и за финансирањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ под кодното име „Талир“. Во неа СЈО го сомничи тогашниот претседател на партијата, Никола Груевски, како и неколку најблиски соработници за перење пари, односно за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2009 до 2015 година.

Од воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство заклучно до 2019 година, единствено три предмети добија судска разврска и затворска казна за обвинетите, и тоа за предметите под кодните имиња „Тенк“, „Труст“ и „Тифани“. За предметот „Тенк“, кој се однесуваше на набавка на луксузен мерцедес, експремиерот Никола Груевски беше осуден на казна затвор од 2 години, но непосредно пред поднесувањето на судско решение за извршувањена казната, тој, најверојатно со помош на дипломатско возило, избега во Унгарија, кадешто побара политички азил како меѓународна заштита.

НАЧЕЛЕН СТАВ НА ВРХОВНИОТ СУД

Во истиот предмет, поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, со пресуда на Основниот Суд Скопје 1, доби затворска казна од 6,5 години поради злоупотреба на службената должност, додека Апелациониот суд потоа казната му ја намали на 4,5 години. Затворска казна од 6 години, која потоа беше преиначена од повисокиот суд на 4 години, доби и поранешната министерка за полиција, Гордана Јанкуловска. Предметот „Триста“, во кој помошник-министерот Поповски беше прогласен за виновен за набавката на 300 возила, за што му беше изречена затворска казна од 9 години, е вратен на повторно одлучување.

Пресудата за предметот „Труст“ му донесе шест години казна затвор на бизнисменот Сеад Кочан, додека на неговиот партнер во незаконската зделка, Василие Авировиќ, му донесе три години затвор. Третообвинетиот Сафет Ватиќ замина слободен, затоа што доби ослободителна пресуда. Покрај затворските казни, Кочан и Авировиќ добија и забрани за вршење на професијата во рок од три години. Нивните фирми Трансмет и Силекс неметали ќе треба да платат казни во вредност од по 33 илјади евра и нема да смеат три години да учествуваат на тендери.

Условна казна затвор од две години, доколку во наредните четири години не го повтори делото, доби новинарката Ивона Талеска за предметот „Тифани“, каде што беше обвинета за затајување на данок.

Специјалното јавно обвинителство беше доведено во деликатна ситуација по истекот на рокот од 18 месеци за поведување обвиненија по преземањето на предметите, бидејќи дел од новоотворените истраги беа отворени по 30 јуни 2018 година.

Ситуацијата особено се комплицираше по донесениот начелен став на Врховниот суд од 30 јануари 2019 година, со кој врховните судии оценија дека СЈО нема право да постапува по предмети по истекот на рокот, што го доведе во прашање натамошното постапување во предметот „Империја“ кој е во фаза на истрага. Во овој предмет за перење пари, злосторничко здружување, незаконско преземање фирми, се осомничени бизнисменот Орце Камчев, некои негови најблиски соработници, како и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.

УШТЕ МНОГУ НЕЗАВРШЕНА РАБОТА

Преговорите на власта и опозицијата околу новиот закон за обвинителството, во чии рамки треба да се вклопи и СЈО, а за кој се потребни 81 пратенички глас, засега не вродува со резултат. Двете партии сè уште се далеку од договор, бидејќи се на различни позиции околу натамошната судбина на СЈО, но и околу конкретните кадровски решенија. И покрај тоа што декларативно се залага за натамошно опстојување на СЈО, „тивка опструкција“ доаѓа и од албанскиот партнер во власта, ДУИ, чии политички првенци се најдоа како осомничени во дел од поновите истраги.

„Да,точно е, ние сме против Катица Јанева и овој состав на обвинители, коишто се дел од нејзиниот тим од проста и едноставна причина што не само што го загубија човечкиот туку и професионалниот капацитет“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неколку пригоди.

Специјалното јавно обвинителство токму од таа причина подолго време изразува уверување дека во што е можно покус рок ќе биде конечно донесено законско решение кое ќе овозможи интеграција на СЈО како самостојна институција во јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија, а преку кое на оваа институција ќе ѝ биде загарантирана автономност во постапувањето, и тоа не само по делата од сегашната негова надлежност туку да добие надлежност и за гонење на кривични дела на корупција од висок профил.

Додека се чека новото законско решение да го претвори Специјалното јавно обвинителство во највисоко обвинителство надлежно за гонење на високи функционери коишто сториле некаков криминал, се чини дека ова обвинителство има уште многу незавршена работа и во рамки на досегашните надлежности кои произлегоа од скандалот со масовното прислушување,бидејќи мандатот официјално музавршува во 2020 година.***

Продолжува: АМНЕСТИЈА НА ИВАНОВИЛИ АМНЕЗИЈА НА КРИМИНАЛОТ?

(кстот е  дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).

Поврзани новости