Речиси е невозможно Службата да се реформира. Доколку тоа би се случило, значи дека власта доброволно се откажала да ги контролира општествените текови. А, тоа сигурно нема да се случи!
Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Дијагнозата „Macedonise Denunciante“ генерира од фактот што нашите тајни служби отсекогаш биле девијантни и, во поголема или помала мера, нивните методи и средства за работа останаа џандарски и на работ од законите.
Тоа е така затоа што по дефиниција, но и по својата суштина тие претставуваат инструмент и сервис на власта, па нејзините припадници се (зло)употребуваат, плаќаат, наградуваат и одликуваат, но кога ќе се оцени дека не се повеќе „корисни идиоти“ или морално – политички подобни, се диференцираат со ставање на располагање или под специјален третман на тн. decommission,[1] предвремено се пензионираат или се фрлаат на буништето од бесчесната историја, а на нивно место доаѓаат други до небо ентузијазирани и благонадежни кадри.
СОЦИЈАЛНА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА ЗА ПРЕКОМБИНИРАЊЕ
И така постојано и во круг се вршат реформи на претходно направените реформи. Ништо чудно: тајните служби отсекогаш биле и до денес останале најлојална и најконзервативна структура во државниот апарат на секој политички поредок.
Тие без оглед што живеат во некој свој свет на меѓусебни интриги и местенки, никаде и никогаш не исчезнале, бидејќи имаат неверојатно вродена социјална интелегенција која им овозможува да се прекомбинираат со совршено прилагодување кон политичките околности и менување на логото и името (ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК).
Нивното постоење и делување никогаш не било идеолошко, туку од интерес, тие се приспособуваат според тоа од каде дува ветерот, а тој често го менуваше правецот, па тие немаа никаква конзистентна идеолошка линија и за нив беше сеедно дали ќе владее комунистичка идеологија, неокомунизам, авторитаризам, популизам или пак државата ќе има евро-атлантски аспирации.
Нивната амбиција и цел никогаш не била да бидат сервис на граѓаните, туку како инструмент на власта да господарат со нив. Благодарение на ваквата конвертитска филозофија и прагматичност, наследниците на УДБА и КОС до денес останаа сеуште моќен фактор и недопирливо затворено братство.
ВЛАСТИТЕ СЕ МЕНУВААТ,СЛУЖБИТЕ ОСТАНУВААТ
Значи, традицијата се задржува и недопирливоста останува. Режимите доаѓаа и заминуваа, власта се менуваше, но тајните служби остануваа, затоа што нивната работа е специфична и се учи со години, а кадрите не можат да се најдат на берзата на трудот.
Тие и покрај козметичките промени тешко се ослободуваат од бремето на минатото дури и кога се создава нова држава, нов систем и нови служби, бидејќи барем на почетокот мораа да се потпрат врз бившите комунистички кадри затоа што немаа друг избор, а им беа неопходни оние кои ги познаваа механизмите и структурата од внатре.
Контролата врз работењето на новите „реформирани“ служби и натаму останува формална и монопол на владеачката гарнитура, а парламентарната и граѓанска контрола претставува невозможна мисија. Едноставно, целта на секоја власт била и останува како да ги инструментализира и контролира тајните служби, а не како да ги реформира.
Затоа промените никогаш не се завршени, туку повторно постојано започнуваат. При тоа, најважната задача останува контролата врз граѓаните, што значи истраги и евидентирање на сите оние за кои постојат макар само индиции или основи на сомневање за недоверливост или скршнување од единствениот исправен пат и дека со тоа се предавници на својата земја, бидејќи антикомунизмот и предавството се толкуваа и прифаќаа како синоними.
Во новиот плуралистички систем се променија само реториката дека службите од сервис на власта божем се трансформирале во сервис на граѓаните, како и државната и политичка номенклатура и технологија на делување: порано со страв и стап, а денес суптилно со стап и морков, без јасни правно уредени надлежности и овластувања и без реална надворешна контрола.
Затоа, сѐ си остана исто – УДБА и КОС божем ги нема, ама во суштина само името е ново. Остана исто, затоа што сите тајни служби се втемелуваат врз искуствата што ги имале од авторитарните режими. Остана исто, затоа што новите „демократски“ служби во самиот почеток на формирањето беа копија на комунистичките УДБА и КОС и така се однесуваа.
Тоа значи дека тешко се искоренува проблематичниот авторитарен менталитет, иако се прават фингирани обиди да се вградуваат искуства од демократските држави.
Едноставно, речиси е невозможно Службата да се реформира. Доколку тоа би се случило, значи дека власта доброволно се откажала да ги контролира општествените текови. А, тоа сигурно нема да се случи!
Продолжува: Бог да ги бие шпиуните (4)
[1] Decommission – буквално: вадење од употреба и тотално маргинализирање со преместување на споредно работно место (слеп колосек) или на синекурска позиција (клати врата – земај плата).