ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Пандорината кутија на глупости, чаршиски лаги и озборувања

by fokus

Категоријалниот систем го создаваше Партијата, а не службите, инспекторите и кодошите. Затоа многу работи не се потпираа на реални факти, туку претпоставки и апсурди, без логика и разум

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Сѐ е спротивно од она што изгледа дека е: Деконспирацијата на соработничката мрежа и објавувањето на имињата на кодошите резултираше со големи манипулации, бидејќи покрај жртвените јарци постојат и привилигирани за кои со перење на нивните биографии никогаш нема ништо да се дознае. Дали некој денес ги знае кодошите на Ченто, Брашнаров, Шаторов и многу други значајни и незнајни личности?

Сакајќи да се исправат неправдите, се направија уште поголеми. Наместо ваквата цел, појдовна точка требаше да биде логиката дека таква ни беше државата, такви ни беа службите и целиот општествен поредок.  Категоријалниот систем го создаваше Партијата, а не службите, инспекторите и кодошите. Затоа многу работи не се потпираа на реални факти, туку претпоставки и апсурди, без логика и разум.

Демагогијата, безрбетништвото, мимикријата, партиската лојалност и готовност да се изврши секоја наредба, како и немањето на професионален капацитет и личен интегритет на припадниците на тајните служби  да се спротистават на нивната инструментализација, претставуваше магичен круг од кој немаше излез.

ПАРАНОИДНА МЕНТАЛНА СОСТОЈБА

Ниту една сериозна и респектибилна служба не ги објавува досиеата на соработници, освен во исклучителни случаи, но и тогаш се води строго сметка за заштита на интересите на националната безбедност. Неоткривањето на имињата на соработниците (агентите), а во некои служби дури ниту имињата на оперативците, претставува континуитет на политика кон која доследно се придржуваат службите со долга демократска традиција и владеење на правото.

Парадигматичен пример за ваквата пракса претставува една од интелектуално и оперативно најмоќната безбедносна служба, британската СИС, попозната како МИ-6, која освен што не ги објавува имињата  на соработниците, не ги открива ниту своите оперативци. Само во исклучителни случаеви МИ-6 дава согласност да ја открие анонимноста на починати припадници на службата.[1]

Куриозитет за оваа служба претставува и фактот што таа формално не постои, бидејќи нејзиното јадро се наоѓа во Министерството за надворешни работи, а клучните кадри доаѓаат од британското наследно племство. Припадниците на МИ-6 работат за плата, а соработниците се наградуваат на тој начин што им се помага во нивната кариера или им се наоѓа добра работа, затоа што се тргнува од девизата дека колку се тие побогати толку ќе бидат помотивирани и полесно ќе доаѓаат до безбедносно-интересни податоци, а со тоа ќе бидат и покорисни за Службата.

Отворањето на досиеата не значи откривање на сите земски тајни: Во основа, постојат три категории на граѓани кои опсесивно се заинтересирани за отворање на досиеата. Првата е од интелектуалниот, научен и медиумски слој, чиј интерес е сосема разбирлив и оправдан-  од временска дистанца да се обидат да извршат научно-истражувачка анализа и проценка на функцијата и употребливоста на досиеата.

Втората категорија се лица кои биле под третман на Службата, додека третата се фобични односно лица со параноидна ментална состојба кои сметаат дека не постои граѓанин кој нема досие во Службата.

Во основа, досиеата освен што укажуваат на некои битни елементи во функционирањето на комунистичкиот режим, го откриваат и самиот modus operandi на репресијата од страна на тајните служби. Покрај лични податоци и информации за разновидни активности, контакти, однесување и намери на лица кои биле безбедносно интересни, тие содржат и податоци за основи на сомневања, планови за акции, извештаи од соработка, службени документи од други институции, аудио и видео записи, фотографии, одземени и пронајдени предмети и документи и друг доказен материјал.

БИЗАРНИ ИНФОРМАЦИИ

Меѓутоа, најчуствителни и опасни претставуваат елементите од лична природа: навики, семејство, здравствена состојба, деловни и пријателски врски, сексуални склоности, сторени прекршоци за кои не била изречена санкција и многу други податоци од интимниот живот, но и глупости собрани од чаршија и кафеани (кој што рекол, кој се напил, кој кого опцул) кои во секое време може да се активираат и послужат за уцени и манипулации.

Токму вакви бизарни информации често ја сочинуваат суштината на собраните податоци во досиеата: освен за безбедносен, тие можат да се користат и за репресивни и нелегитимни цели: политички прогони, уцени, дисквалификација и компромитација, апсења, монтирани процеси, конфискација на имот, сместување во психијатриски клиники, интернирање во работни логори за превоспитување и ревидирање на ставовите, исчезнување и физичка ликвидација.

Значи, досието сместено во една или неколку папки се засновува на собран необработен суров материјал од страна на оперативецот во неговите контакти со соработничката врска, што без  никаква проверка и верификација еден ден можеби ќе се (зло)употреби, особено доколку се врши тенденциозно, стихиски, неумешно и селективно, со што се отвора Пандорината кутија на глупости, чаршиски лаги и озборувања.

Целосно е паушална претпоставката дека со отворањето на досиеата за соработниците на тајните служби, ќе се откријат сите земски тајни и факти.  Воопшто не е така! Зарем може да се замисли дека за нов именуван министер за внатрешни работи ќе се побара неговото досие? Боже, пази. Единствено што може да се случи е кадровската комисија дискретно да му препорача да ја повлече кандидатурата, но и тогаш тој не мора да ја почитува препораката.

Отворањето на досиеата не треба да се однесува за лица што биле под третман на Службата категоризирани како „внатрешен непријател“, бидејќи сите тие не биле непријатели на државата и народот, туку противници на режимот. Затоа, не е исто да се биде предмет на обработка поради критика на режимот и предмет на обработка за соработка со странска разузнавачка служба.

КАТАРЗА, ПИЗМА ИЛИ ОДМАЗДА

Соработничките досиеа – мрачна, болна и криминална тема: Тајните служби не би постоеле или тоа би било бесмислено ако немаат соработници. Тие се нивната духовна и физичка храна. Логиката на нивното постоење се базира на симбиоза, а продуктот од таа врска се фамозните соработнички досиеа. Токму темата за досиеата на кодоши е мрачна и болна, на посебен начин дури и криминална. Нивниот авет броди.

Што ли носи тоа: катарза, пизма или одмазда? Старите мудреци велат дека сите човечки несреќи доаѓаат поради немање информации или, пак, од непотребни (излишни) информации. Што претставува досие? Како се создава? Колку трае неговиот век? Одговорите на овие клучни прашања ја растеруваат маглата и ја осветуваат големата слика и разбирањето на моментот на вистината.

Пред сѐ, мора да се прави разлика меѓу оперативни и лични досиеа. Првите имаат историско и научно значење и во нив може да се види кои биле наредбодавци, за разлика од личните досиеа кои во голем број се банални, трачерски, недоречни, често комични и глупи, неретко со измислени и пристрасно интерпретирани изјави, што е далеку од било каква безбедносно интересна тема. Впрочем, тоа е типична карактеристика на полициски досиеа во кои се собирало сѐ и сешто со надеж дека еден убав ден можат да послужат како компромитирачки материјал.

Според формата и содржината, досие претставува збир од повеќе напишани материјали (извештаи и службени белешки), изготвени или прибавени документи кои се однесуваат на иста материја или за исто лице. Меѓутоа, нивното отворање може да предизвика разочарување во поглед на очекувањето да се открие голема ризница од информации, бидејќи досието може да содржи само неколку листови.

Тоа е затоа што конкретното лице за кое се однесува досието може да фигурира и во други десетица или стотина материјали кои се сместени во досиеа за други лица.

На пример, доколку се отвори досието за Едикојси странски дипломат во Македонија, тогаш ќе се види што има за него, но истовремено и кој ги доставувал тие информации за неговата активност. Доколку доставувачот е Амбасада, тогаш настанува проблем. Исто би се случило и со досие за македонски дипломат во странска држава. Тоа е главната опасност поради која респектабилните служби не ги отвараат досиеата за своите соработници.

ЗАБЛУДЕНИ ДЕСПЕРАДОСИ

Што би се случило кога европските безбедносно-разузнавачки служби би ги отвориле досиеата за македонските „дисиденти“ и политички емигранти, од кои денес голем број кај нас се промовирани во национални херои и маченици за целокупна, независна, самостојна и демократска Македонија?

Па освен што би се видело дека многумина од нив биле персони кои не правеле разлики меѓу географски поим и државност, се чуствувале и изјаснувале како припадници на друга нација, биле националисти и шовинисти, самопрогласени демократи и заблудени десперадоси, многумина од нив биле и во служба на туѓи бели дворови и доставувале информации на безбедносните служби во тие држави.

Странските служби не ги отвараат досиеата за овие лица, заради нивна заштита како оперативни извори, но и заради избегнување на компромитација на нивните служби. Значи, поентата е во тоа што ниту едно досие не претставува интегрален животопис за конкретно лице, дека не постојат „собрани трудови“ од соработникот, туку тие се расфрлани во други папки (досиеја) односно ниту едно досие не претставува природно поврзан хронолошки текст, туку испревртена приказна без ред и поредок, во кое формалниот редослед на материјалите е произволен.

Значи, досието за конкретен кодош не претставува завршен текст со епилог, не се чита на еден здив, на моменти може да биде и здодевно четиво и што е најважно, неговата веродостојност е релативна. Битно е да се сфати и разбере дека она што претставува вреден и употреблив податок и сознание, што е многу битно, вообичаено секогаш останува во главата на оперативецот, а не напишано на лист хартија.

Токму поради ваквите карактеристики, содржините на кодошките досиеа априори продуцираат вина, но истовремено и одговорност бидејќи сите материјали во него се класифицираат како строго доверливи. Оттука, отворањето на досиеата и лустрацијата на соработниците на Службата предизвикува многу проблеми и предизвици, меѓу кои најбитно е прашањето дали ваквиот процес ќе резултира  со вистинско прочистување и ослободување или, пак, ќе предизвика хаос и пизма?

Дали со нивното отворање ќе се овозможи да се види големата слика и да се дознае вистината, имајќи ја предвид проблематичноста на архивите поради фактот што многу документи биле селектирани и уништувани, дополнително ажурирани и содржински менувани и дотерувани според дневно-политичките потреби? Конечно, дали со отворањето на соработничките досиеа граѓаните ќе бидат посреќни, побогати и поумни?

Продолжува:

МНОГУ ОПЕРАТИВЦИ ИМААТ ЛИЧНИ АРХИВИ СО ДОСИЕА (9)

[1] Во предговорот на книгата ,,Историја на тајната разузнавачка служба 1909-1949’’, издадена во 2010 година, директорот на МИ-6 објаснува дека Службата одлучила по повод стогодишнината од нејзиното постоење да одобри пишување на независна и стручна книга за првите четириесет години од нејзината историја. Целта била, без никаква штета за националната безбедност, да се овозможи на јавноста да се запознае со историјата и улогата на  Службата. Воедно, тоа било прв пат да се признае фактичкото постоење на МИ-6, како и да се дозволи достап до архивите на лице надвор од Службата, во случајов на Киг Џефри, професор на Кралскиот универзитет во Белфаст.

 

Поврзани новости