ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Неукоста, глупоста и поривот за одмазда на лустраторите

by fokus

Голема заблуда или свесна манипулација е дека во Сојузната СДБ постојат битни и спектакуларни досиеја за македонски граѓани, бидејќи за оние кои биле соработници на Сојузната СДБ постојат досиеја и во СДБ на Македонија или во најмала рака барем основни податоци

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Лицата кои беа под обработка на службите, воглавно се класифицираа во три категории:

Безбедносно – интересни лица, за кои постоеја одредени индиции или првични сознанија дека би можело да бидат вклучени во непријателска или активност од интерес на Службата;

Лица во претходна оперативна обработка (скратено ПОО или ПО), за кои постоеја основи на сомневање за нивна непријателска активност врз основа на сеуште непотврдени сознанија и податоци. Овие лица се регистрираа во обработка на СДБ под целосно име и презиме, а поретко со псевдоним;

Лица во оперативна обработна (скратено ОО), за кои постоеја основани сомневања за нивна непријателска активност, поткрепени со потврдени информации и податоци добиени од извори на Службата или, пак, со примена на оперативно – технички средства и методи (следење, прислушување на телефон, таен претрес, контрола на преписката). Овие лица во оперативниот архив на СДБ се регистрираа со псевдоними.

ЛИНИСКИ И ПРОБЛЕМСКИ ПРИНЦИП

Значи, категориите „пријателска врска“, „оперативна врска“ , „соработник“ односно „соработник – резидент “ и двоен соработник не можат да се поистоветуваат, бидејќи меѓу нив постојат големи и суштински квалитативни разлики. Инаку, сите три категории оперативни извори собираа и доставуваа информации по линиски и проблемски принцип на работа.

Приврзениците на Информбирото, македонскиот врховизам и екстремизам, албанскиот национализам и иредентизам, граѓанската десница, анархолиберализмот, бирократско – етатистичките и други категории, претставуваа линиски принцип на работење, а проблемска линија беа недозволената трговија и шверц, комар, нелојална конкуренција и сл.

Меѓутоа, поради суптилноста и индивидуалноста, дури и класичните соработници можат да се категоризираат во соработници и „соработници“. Практично, проблематично е да се утврди дали некој навистина доброволно се согласил да соработува, дали бил принуден и уценет, дали несвесно доставувал информации не претпоставувајќи дека тие ќе се користат за полнење на нечие досије или, пак, се работи за случај во кој лицето било заведено во регистерот за активни соработници иако не потпишало изјава за прифаќање на соработка.

Второто ниво на суптилност претставува некомплетноста на досиејата поради селектирање, дисперзирање во други досиеја, интервенции со вметнувања, дополнувања или бришење односно отстранување на службени белешки и извештаи, како и делумно или целосно уништување на постојните факти и податоци.

Друг проблематичен аспект од ова ниво е фактот што веднаш по Брионскиот пленум во 1966 година била извршена драстична селекција на досиејата, при што најголем дел се уништени, а оние за кои се оценило дека имаат историска важност биле отстапени на Сојузниот и републичките и покраински секретаријати за внатрешни работи. Овде треба да се напомене дека ваков процес немаше во воените бебедносни структури (КОС) и тие си останаа недопирливи.

Оттука, голема манипулација, лага и измама претставуваше тврдењето дека огромен број досиеја останале во поранешниот Сојузен секретаријат за внатрешни работи, односно во Сојузната служба за државна безбедност во Белград.

Ваквата манипулација и лага се интензивираше и актуелизираше по веста за потпишаната спогодба во февруари 2014 година меѓу Македонија и Србија за отворање на архивите на УДБА и КОС во кои ќе имала достап и македонската Комисија за лустрација. Тоа значи дека таа ќе можела да ги бара досиејата што југословенските тајни служби ги воделе за Македонци.

ДОСИЕТО ЗА АЛЕКСАНДАР РАНКОВИЌ

Според македонската Комисија за лустрација, ова било особено важно за да можел да се испочитува законскиот рок за завршување на лустрација до 2019 година. Мижи Асан да ти бајам! Оваа голема фама и егзалтирано исчекување зборува само за неукоста, глупоста и поривот за одмазда од страна на членовите на македонската Комисија. Тие го „чекаат Годо“, незнаејќи дека по Брионскиот пленум 1966 година Сојузната СДБ веќе нема оперативни надлежности во тн. внатрешна проблематика, освен аналитичка функција за безбедносна процена.

На ниво на Сојузната СДБ за ова проблематика остана единствено досието за Александар Ранковиќ и тоа исклучиво поради политички причини. Тој сѐ до смртта во 1983 година остана приоритетна обработка на Сојузната служба под кодно име „Акција Х“ која се однесува на негово следење и прислушување во периодот од 1966. до 1983 година, заедно со неколку негови најблиски соработници во рамките на тн. „Х-проблематика“ по трета линија која се бавеше со категоријата внатрешен непријател.

 

Освен овој исклучок, треба да се знае дека во надлежност на тогашната Десетта управа на Сојузниот секретаријат за внатрешни работи беа и досиејата за разузнавачката активност на странските дипломатско – конзуларни претставништва.

Значи, голема заблуда или свесна манипулација е дека во Сојузната СДБ постојат битни и спектакуларни досиеја за македонски граѓани, бидејќи за оние кои биле соработници на Сојузната СДБ постојат досиеја и во СДБ на Македонија или во најмала рака барем основни податоци. Уште поконкретно: за сите лица по потекло од Македонија мораше да постои согласност од СДБ на Македонија за врбување и ангажирање од страна на Сојузната СДБ.

Во однос на воената КОС треба да се знае дека нејзин предмет на работа беа исклучиво воени и граѓански лица вработени во ЈНА и тоа чисто од контраразузнавачки аспект, т.е. да се спречи нивно врбување од странски разузнавачки служби.

Од друга страна, македонската СДБ беше дел од единствениот југословенски безбедносен систем и без нејзина согласност КОС до 1990 година не можеше да врбува македонски граѓани како соработници или пак да ги стави во обработка. Оттука, во Белград може да има сосема малку досиеја кои се битни за Македонија.

Сосема друга е ситуацијата по 1990 година кога КОС се вклучува во следење на состојбите во Македонија, со што излезе од рамките на своите надлежности и се трансформира во тајна политичка полиција. Меѓутоа, соработката на македонските граѓани по 1991 година не треба да биде предмет на лустрација, туку на кривична постапка за кривично дело шпиунажа, затоа што се работи за класична соработка со странски разузнавачки служби.

„БАЛКАНСКИ ШПИОН“

Тенденцијата на селектирање и уништување на досиеја продолжи и по осамостојувањето на Македонија, што индиректно го потврди и еден поранешен министер за внатрешни работи, кој изјави дека сите досиеја биле уништени, но свесно или не, пропушти да информира дека биле селективно уништувани или голем дел од нив освен во Државниот архив, преминале во лични архиви на заинтересирани функционери или кај поранешни оперативци.

Инаку, документацијата на СДБ беше прочистувана и уништувана во повеќе наврати. Најпрвин по падот на Ранковиќ, потоа по смртта на Тито, па во пресрет на „Македонската демократска пролет“. Тоа подоцна ќе стане рутина во самостојна Македонија при секоја промена на власта.

Третото ниво беше разоткривњето т.е. деконспирацијата на дел од мрежата на соработници во 2000 година, како и аферата со прислушување истата година, при што дел од транскриптите на „Осилото“ беа јавно обелоденети.

Овие настани се случија во пресрет на 2001-та година кога службите негираа дека постојат екстремни групи и паравоени структури на територијата на Македонија, оценувајќи ја безбедносната состојба како стабилна. Ваквата аутистична „демократизација“ предизвика огромни и ненадоместливи штетни последици за македонскиот безбедносен систем.

Во име на „релаксација на меѓуетничките односи“ и „ширење на позитивна енергија“, тогашниот министер за внатрешни работи одлучи да отстапи т.е. предаде и со тоа деконспирира дел од соработничката мрежа за лица од албанска националност, по што тие беа дискредитирани и изнудувани, но најтрагично беше што неповратно се загубија можностите и перспективите во иднина да се ангажираат нови квалитетни соработници.

Следното проблематично ниво е прогласувањето на кодоши без тапија т.е. без склучен договор за соработка со негов и потпис од припадник на Службата.

Во овој контекст, уште подискутабилни се и случаите кога постои документ за регистрација и дерегистрација, но нема никакви други оперативни материјали. Во вакви случаи не постојат факти со кои се поткрепува документот за соработка и „сѐ е спротивно од она што изгледа дека е“, како што гласи прочуената реченица на главниот лик од култниот филм „Балкански шпион“.

Продолжува:

НЕКРОФИЛСКИОТ АСПЕКТ СО ЛУСТРИРАЊЕ НА ПОЧИНАТИ ЛИЦА (11)

 

Поврзани новости