ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Немаше шанса да се одбие соработка

by fokus

Иако во службените белешки на Службата за државна безбедност фигурираат дури над 100.000 лица како кодоши, реалниот број на соработничката мрежа за целиот 45-годишен период изнесува само околу 3.000 оперативни врски и соработници, од кои значителен дел фактички воопшто не постоеле

 Д-р Гроздан Цветковски

Секој на секому е кодош, а за потврда на оваа теза потребно е само да се разјаснат некои факти и недоречености. Во 2000 година законски беше овозможен достап до околу 10.000 лични досиеја за лица кои во периодот од 1945 до 1991 година биле третирани како „внатрешни непријатели“.

Денес во Државниот архив на Република Македонија се наоѓаат околу 30.000 досиеја од кои е симната класификацијата „државна тајна“, но во Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и Воената служба за безбедност и разузнавање останале истотака многу досиеја кои сеуште се класифицирани како „државна тајна“.

ОГРОМЕН БРОЈ ЛИЦА ЗЛОУПОТРЕБЕНИ

Иако во службените белешки на Службата за државна безбедност фигурираат дури над 100.000 лица како кодоши, реалниот број на соработничката мрежа за целиот 45-годишен период изнесува само околу 3.000 оперативни врски и соработници, од кои значителен дел фактички воопшто не постоеле, а добар дел биле пријателски, роднински и колегијални врски, како и соседи и познајници на лицата под оперативен третман.

Во прилог на ваквиот факт е бројот на досиејата спореден со лустрираните граѓани, од што логично произлегува прашањето каде се останатите соработници?[1] Значи, огромен број граѓани се злоупотребувани, бидејќи несвесно и без нивно знаење биле евиндентирани и регистрирани како кодоши.

Таков беше случајот со лустриран новинар во радио Скопје, за кого оперативецот во службената белешка која се однесувала на ОО „Прстен“, навел дека разговорот со него за делувањето на некои новинари и уметници бил обавен наводно во неговиот стан, иако таков разговор воопшто немало. Иронијата да биде поголема е во тоа што и овој оперативец беше исто така лустриран, па потоа Управниот суд го поништи решението за негова лустрација, но Комисијата повторно ја потврди својата одлука за негово лустрирање. Тоа се случуваше затоа што во службените белешки мораше да се наведе изворот, со што тој автоматски се евидентираше како кодош.

Парадигматичен е случајот со главната уредничка на неделникот „Фокус“, која само со едно сочинение во форма на службена белешка, без никаква друга пропратна документација и докази беше прогласена за кодош. Токму овој налудничав случај претставува клучен аргумент и факт дека  лицата кои фигурираат во службените белешки и извештаи не треба и не смее априори да се третираат како кодоши, туку само оние кои доброволно прифатиле соработка и за кои постојат непобитни докази.

СОРАБОТНИЦИ  ОД СИТЕ ПРОФЕСИИ

Навистина, службите имаа соработници од сите професии и занимања, од обични работници, преку директори, интелектуалци, професори и студенти, академици, свештеници, судии и обвинители, што им даваше можност во секое време да креираат разни оперативни акции, скандали, афери, компромитации, местенки и дискредитации. Меѓутоа, треба да се има и предвид фактот што најголемиот број од соработниците беа без или со ниско образование, вработени на неатрактивни работни места или на маргините од политичките и општествени збиднувања.

Но, постоеше и друга категорија соработници од повисоко ниво кои не се евидентираа во соработничката мрежа и нивните досиеја се држеа во апсолутна тајност. Тоа беа лица кои врз основа на одлука од тогашниот Републички совет за заштита на поредокот утврден со Уставот, имаа обврска да соработуваат со Службата.

Во оваа категорија влегуваа директорите и други раководни лица во претпријатија и објекти кои беа од посебен интерес за одбраната и безбедноста на земјата и тие формално не беа третирани како соработници. Во овој контекст, практично беше невозможно некој да замине за трговски, воен, културен или дипломатски претставник во странство, доколку претходно не се согласи за соработка со Службата за државна безбедност. Таа вршеше претходни опсежни проверки и проценки за политичко – безбедносната и морална подобност, бидејќи претставништвото во странство освен основната, задолжително имаше и разузнавачка функција, но истовремено беше и објект на разузнавачки интерес од страна на домицилните контраразузнавачки служби.

Продолжува: Службите врбувале соработници со притисок  (6)

[1] Комисијата лустрираше вкупно 199 граѓани, од кои 96 беа починати, а 95% во пензија. Меѓу нив, 69 биле вработени во Службата, а се лустрирани како наредбодавци. Речиси сите лустрирани биле поранешни членови на СКМ, а нема ниту еден функционер од вадеачките партии.

Поврзани новости