ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Кривична одговорност на креаторите на инквизиторската лустрација

by fokus

Главната и единствена причина за укинување на законот во 2015 беше паничниот страв дека по падот на власта автоматски ќе падне и заштитата на кодошите од нивните редови, како и амнестија од евентуална кривична одговорност на сите кои го злоупотребиле процесот на лустрација

 Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Држава од слама: Седум години по донесувањето на првичната и три години од примената на најновата верзија на Законот за лустрација, се покажа дека тој беше подметнато кукавичјо јајце заради реализирање на парцијални интереси и предизвикување хаос.

Во напластената магла контроверзниот процес на лустрација сѐ повеќе се заглибуваше во талог, а феноменот кодошоизација постана синоним за модерна инквизиција.

Ваквата состојба неминовно бара да се ослободиме од лицемерието и да зборуваме со мерливи и рационални аргументи, доколку искрено сакаме до крај да расчистиме со небулозите.

Најбитните поенти можат де се синтетизираат во неколку точки. Во однос на иницијативата, донесувањето и примената на најновиот актуелен Закон за лустрација, тешко може да се заклучи дека биле добронамерни. Зошто?

„КРЕАТИВНО ТОЛКУВАЊЕ“

Затоа што отворањето на досиеата и спроведувањето на процесот на лустрација, без оглед дали требаше да бидат правно – формални или само симболични, налагаше широк консензус за тоа дали лицата кои вршеле или сеуште вршат јавни функции  ги прекршувале човековите права?

Таков консензус не беше постигнат меѓу власта и опозицијата, по што владеачкото нозинство го изгласа Законот за определување услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.

Неговата практична примена и „креативно толкување“ го трансформира во инструмент за политичка дискредитација и реваншизам. Целта беше очигледна: власта да ги сотре политичките противници, да се ослободи од општественото влијание на неистомислениците, дури и од оние кои веќе поодамна починале.

Врз мртвите да фрли анатема, а живите целосно да ги изолира, маргинализира и исклучи од општествените активности, вклучително и со отпуштање од работа, односно забрана на вршење на професијата. Нешто сосема спротивно на Уставот, законот, моралот и препораките од Советот на Европа дека „целта на лустрацијата не е казнување на луѓето за кои постои сомневање дека се виновни – тоа е работа на казнениот апарат – туку заштита на демократијата во пораѓање“.

Се потврдивме како дефектна, недооформена и „држава од слама“, не сакавме дури да се угледаме на примерите од речиси сите посткомунистички земји кои соочувајќи се со незрелоста и немањето капацитет да го спроведат процесот на лустрација, постепено креваа раце од него и ја избегнаа ваквата опасност.

„ВНАТРЕШЕН НЕПРИЈАТЕЛ“

Единствено успешна завршница имаше во поранешните Германска Демократска Република и Чехословачка, каде се лустрираа соработниците на нивните тајни служби, благодарејќи исклучиво на принципиелното законско спроведување.

Мислам дека најголем аргумент против отворањето на досиеата треба да биде манипулацијата со регистрите на соработничките мрежи кои континуирано се уништуваа, селектираа, ажурираа и евакуираа. Затоа денес имаме ситуација во која речиси нема или не може да се најдат актуелни функционери кои биле соработници на тајните служби.

Не дека тие биле света вода непиена, туку едноставно поради тоа што имаат политички чадор за заштита или затоа што многу од нив навреме си ги земале своите досиеа и на тој начин си ја „испрале“ и исчистиле биографијата.

Ваквата технолошка иновација е континуитет и правило, па затоа и при изготвувањето на најновиот Регистер на Управата за безбедност и контраразузнавање повеќе соработници биле измислени и регистрирани со цел да се искомпромитираат.

Само за потсетување: Регистерот за соработници, освен личните податоци, содржи и информации за активности на соработниците во периодот од 1945 до актуелниот момент. Поради важноста на овие податоци, но и можноста со нив да се манипулира, постои основано сомнение дека вистинските регистри за соработнички мрежи се сочувани и се во посед на приватни и неовластени лица.

Оттука, отворањето на досиејата за соработници претставуваше комплексно политичко, безбедносно и морално прашање, затоа што сите соработници не биле копие под „индиго“ т.е. такви како што обичниот граѓанин ги замислува, ниту пак сите соработувале доброволно, а уште повеќе што сите не работеле на линијата „внатрешен непријател“.

Токму за оваа категорија по воведувањето на плурализмот се десеткува соработничката мрежа и останаа само мал број во контакт со Службата на новата проблематика од внатрешен тероризам и екстремизам. По распадот на поранешната држава Југославија, се формираа нови држави кои создадоа сопствени безбедносни системи.

ЕВТИНА И ГЛУПАВА ПРИКАЗНА

Во Република Македонија се покажа дека во изминатите седум години  Комисијата за верификација на фактите функционираше според теркот на УДБА бидејќи ја имитираше, со што самата си ја демаскира својата шизофрена природа: истовремена омраза и љубов, сатрапење и восхитување, обвинување и верба кон неа!

Комисијата се одмаздуваше на УДБА, на која всушност интимно бескрајно се восхитуваше и ја имитираше,но истовремено и завидуваше. Во таква „шизофрена клиника“ и резултатот мораше да биде патолошки: жртвите остануваат засекогаш жигосани, а се менуваат само заштитените џелати.

Меѓутоа, неочекувано Кафкијанската атмосфера предизвикана од задоцнетиот, контрапродуктивен и штетен процес на лустрација доживеа пресврт. Без да се споменуваат препораките на Прибе, критиките од Европската унија и инсистирањето процесот на лустрација да се укине и ревидира, пратениците од владеачкото мнозинство неочекувано поднесоа предлог закон до Собранието на Република Македонија за престанување на важноста на Законот за лустрација од 1 Септември 2015 година.

Образложението беше дека “работата на Комисијата била успешно завршена” и дека нови лица за кои постапката не завршила до овој датум нема да бидат лустрирани, додека пак оние што веќе добиле решение дека соработувале, пет години нема да можат да извршуваат јавна функција.

Се разбира, без учество на опозицијата, предложениот закон експресно беше усвоен и донесен во Собранието на Република Македонија. Целиот тек на постапката претставуваше евтина и глупава приказна, а уште порасипано и перфидно образложението со кое се оправдува потребата Законот да се укине, а не да се поништи.

ИНКВИЗИТОРСКИ ПРОЦЕС

“Параграфот 22” односно “кваката” е во тоа што укинувањето не значи и престанување на правното дејство на сите претходно донесени одлуки и решенија. Доколку навистина предлагачот имаше намера да го оттргне сомневањето дека седум години се спроведувал инквизиторски процес против неистомисленици, тогаш ќе предложеше поништување на законот, а не негово укинување.

Фактички, главната и единствена причина за пресвртот беше да се обезбеди одбранбен превентивен механизам, односно паничниот страв дека по падот на власта автоматски ќе падне и заштитата на кодошите од нивните редови, како и амнестија од евентуална кривична одговорност на сите кои го злоупотребиле процесот на лустрација (членови на Комисијата, Управниот суд и институциите кои ги сокривале, фалсификувале и селективно и некомплетно ги доставувале досиеата до Комисијата).

Исто така, голем проблем беа и случаите на лустрираните лица кои не потпишале изјави за соработка, која претставува главен доказ и услов дали некој ќе биде прогласен за соработник на службите.

Меѓутоа, бесчестието не може и не смее да се затвори на ваков начин,туку само со политичка, кривична и морална одговорност  на креаторите со истовремено обештетување на неправедно лустрираните со големи парични износи за душевна и друг вид болка.

Тоа е  единствениот начин  да се затвори порочниот македонски лустрациски круг и со реквиемот „Бог да ги бие шпиуните“ да се стави крај на бесчестието. Тоа е и вистинската хемотерапија за дијагностицираниот симптом Macedonise Denunciante.

Крај на фељтонот

Поврзани новости