ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Бог да ги бие шпиуните

by fokus

Процесот продолжи до денес, а кога и како ќе заврши не се знае. Извесни се само последиците: институционална декапитација, политизација и партизација, деградација на професионалниот капацитет и кредибилитет, промовирање на антивредности во вредности и криминализација и корумпираност на службите.

 Д-р Гроздан Цветковски

 Лично за мене, перманентниот процес на разнебитување на македонските безбедносно – разузнавачки служби започна во 1994 година, кога тогашната политичка гарнитура на власт партиски ги инструментализира и инсталира припадниците во новиот политички амбиент. Сукцесијата на континуитетот ја продолжи новата политичка структура што дојде во 1998 година. Со „modus operandi“ на претходната власт, таа веднаш ја започна акцијата „Ослободување од кадри на старите класни структури“.

СИМПТОМ НА БОЛНО ОПШТЕСТВО

Веќе во 2000 година ги достигна „sвездените мигови“ со отворањето на досиејата на лица, но и со инсајдерска трговија со безбедносни информации, а потоа продолжување на овој проект во 2008 година со донесувањето на „определување дополнителен услов за вршење јавна функција“. Сите овие „креативни демократски реформи“ предизвикаа деструкција на безбедносно – разузнавачките служби и беа погубни за младата недооформена држава.

Процесот продолжи до денес, а кога и како ќе заврши не се знае. Извесни се само последиците: институционална декапитација, политизација и партизација, деградација на професионалниот капацитет и кредибилитет, промовирање на антивредности во вредности и криминализација и корумпираност на службите. Во ваква ситуација, голем дел од доверливите оперативни материјали, документи, анализи и проценки станаа достапни на странски разузнавачки служби и приватни лица и архиви, со што се доведе во прашање опстојувањето на македонската држава и националниот идентитет.

Процесот на разнебитување на најеклатантен начин ги исфрли на површина симптомот и дијагнозата на болната состојба на македонското општество, која ќе има сериозни и судбоносни последици на планот на политичко – безбедносните состојби во иднина.

 Дијагнозата „Macedonise Denunciante“ може условно да се дефинира како имунолошки синдром на реален или потенцијален, свесен или не, принуден или доброволен ангажман на денунцирање (кодошење), генериран од специфичен сплет на историски, политички, социјални, патолошки, културни и морални состојби и вредности.

Нејзината „база“ датира од искон, а „надградбата“ континуирано продолжува и денес. Впрочем, Македонија во својата историја секогаш имала повеќе поданици отколку граѓани.

СЕКОЈ СЕКОМУ МУ Е КОДОШ

Оттука, фолклорното творештво во стилот на народната песна „Бог да ги бие шпиуните“, анегдотата „Да се чува кубурот за зортзаман“ и преданието „Еден македонец – комита, двајца – комита и војвода, а тројца – комита, војвода и кодош“ или пак, дефиницијата за „Македонските славјани како флотантна маса која што може да се преобрази во една или друга нација“, не претставуваат само парадигма за битот и душевноста, туку и многу повеќе – дека секој секому е кодош, само прашање е од каков маштап и кој за кого и за колку работи.

 

Фразата дека помалку сакаме на нас лично да ни е добро, а многу сме посреќни ако на комшиите им е лошо, потврдува дека кодошењето било и останало дел од нашиот национален фолклор уште од времето кога не бевме осознаена нација и самостојна држава, туку само „мешана салата“ и географски поим. Секогаш постоеле расипани луѓе кои „се мислат повикани да водат како Мојсија и другите пророци, а самите не можат да се ослободат и влечат по себе ситни пороци“.[1]

Па така, во периодот на Османлиското царство ние сме биле поделени на македонски Бугари, Јужносрбијанци и славофонски Грци, без оглед што нашите прадедовци се чуствувале сосема поинакви и посебни. Сепак, за жал, многу од нив често преминувале од една во друга националност или вера, што зависело од тоа кој повеќе ќе плател.

СИНДРОМ НА САМОДЕСТРУКЦИЈА

Дека имунитетот кон синдромот на самодеструкција не ни бил отпорен, потврдуваат и важни историски настани од периодот на национално – ослободителното движење, посебно против турското владеење. Мотивите и причините за кодошење биле од елементарни до мошне комплексни: навреда, омраза, одмазда, инает, завист, пакост, политичка неистомисленост, материјална корист. Поради кодоши животите ги загубиле највидни водачи, а „заштитниот знак“ на ВМРО бил меѓусебни кодошења и интриги, што се одразило на разградувањето на националниот организам.

Најилустративен е примерот од турските девтери, според кои во Баница каде бил убиен Гоце Делчев, од 350 куќи во селото, имало 380 платеници и кодоши на турскиот режим. Тие го зеле на душа Делчев, а подоцна од такви настрадале и други војводи и борци од Македонското револуционерно движење.

Дури и за војводата Јане Сандански, еден од симболите на македонската борба против турската власт, постојат непотврдени сомневања дека по Младотурскиот преврат бил поткупен со 50 лири месечна плата, но дека и некои негови соборци исто така биле на платниот список.

Овие недокажани сомневања се публикувани во мај 1909 година во турскиот весник „Заман“, поради што Османлиите го нарекувале „Безим Јане“ (Наш Јане). Кога разбрале дека им „пее“ на Турците, односно дека станал пишман војвода, од ВМРО му била изречена смртна пресуда. И Стерју Гули, најмладиот син на легендарниот Питу Гули, бил бугарски полициски агент во периодот од 1941 до 1944 година и водач на локална контрачета, а братот на претседателот на Крушевската република бил кмет на својот роден град за време на бугарската окупација. Така е со симптомот и дијагнозата „ Macedonise Denunciante“: ако твојот не те изневери и предаде, тогаш исто како да не си изневерен и предаден.

Продолжува: Немаше шанса да се одбие соработка

 (5)

 

[1] Стих од песната „Молитва“ од Блаже Конески

Поврзани новости