Во два наврата бев повикан лично од тогашниот премиер, Никола Груевски, да поднесам оставка од функцијата. Бев повикуван и на неформални разговори со тогашниот директор на државна безбедност. Неосновано ми беа поведени и неуспешно завршени пет дисциплински постапки од страна на Судскиот Совет, а под директива на министерот за правда
Јордан МИТРИНОВСКИ, разрешен апелационен судија
По речиси 20 годишно судиско искуство како судија во Воениот суд, со генералниот избор за судии во 1996 година бев избран за судија во Апелациониот суд Скопје. Во 2007 година станав и претседател на Апелациониот суд Скопје.
Набрзо по преземањето на должноста, заради непринципиелни, нереални и противзаконити барања на министерот за правда Михаило Маневски, неговата сопруга Филимена и врвот на тогашната извршна власт, дојдов во судир со истите, настојувајќи да ја бранам независноста и професионалноста на судството. Трпев најразлични опструкции и сериозни закани во наредните три години, иако претходно зад себе немав ниту една црна дамка во кариерата.
Во два наврата бев повикан лично од тогашниот премиер, Никола Груевски, да поднесам оставка од функцијата. Бев повикуван и на неформални разговори со тогашниот директор на државна безбедност. Неосновано ми беа поведени и неуспешно завршени пет дисциплински постапки од страна на Судскиот Совет, а под директива на министерот за правда. Бев оценет со негативна оценка, а по моја жалба истата беше преиначена во позитивна, иако во тој период и Апелациониот суд Скопје и судовите под негова надлежност беа оценувани со многу добра оценка, како ефикасни судови.
Нетрпеливоста помеѓу мене, министерот за правда и извршната власт кулминираше по пензионирањето на сопругата на Маневски, која се противеше на законското заминување во пензија и истовремено јавно прокламираше политичка активност во корист на една актуелна политичка партија. Во тоа време беа вратени и десетина предмети на повторно одлучување пред првостепениот суд, а за кои интерес пројавуваше извршната власт, што беше повод за поведување и на шеста неоснована дисциплинска постапка, која заврши негативно по мене.
Директен повод беше одлуката на Апелациониот суд Скопје (ксж.бр. 537/10 од 06.12.2010 година) да се прифати понудената гаранција од преку милион и четиристотини илјади евра и истовремено да се одреди куќен притвор против обвинетиот Бајруш Сејдиу. И покрај тоа што ваквата законска можност е дозволена, согласно член 185 ст.2 од Законот за кривична постапка, Врховниот суд на РМ на седница ја преиначи одлуката и побара да се поведе против мене постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Барањето на 10 декември 2010 година го поднесе тогашниот претседател на Врховниот суд на РМ, Јово Вангеловски. Бев обвинет дека во споменатиот случај, не е применет член 207 од ЗКП, иако во споменатиот предмет, воопшто не е одлучувано, ниту имало потреба да биде одлучувано по тој член, кој се однесува исклучиво за притворот и по него Апелациониот суд одлучувал на 16 ноември истата година.
Во текот на дисциплинската постапка, а со кршење на процесните права и одредбата на член 6 став 1 од Европската конвенција,бев разрешен од должноста апелационен судија. По жалбата до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, на 30 април 2015 донесена е конечна пресуда во моја полза, во која е констатирана повреда на одредбата на член 6 ст.1 од ЕКЧП.
Поведен од оваа позитивна пресуда, побарав повторување на постапката пред Судскиот совет на РМ. Меѓутоа, тој орган со сите остатоци од клиентелистичкиот состав, во незаконска постапка и со тотално кршење на правата на барателот за повторување на постапката, донесе истоветна одлука како во поранешната постапка.
Имено, пресудата од Стразбур утврди дека подносителот на барањето за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, судијата Јово Вангеловски, заради неговата претходна инволвираност во постапката не може да го поднесе тоа барање. Од тие причини, поради недозволено барање од неовластен подносител, Судскиот совет мораше да го отфрли истото како недозволено.
Наместо тоа, Судскиот совет дозволи егзистенција на тоа барање и на решението за поведување на постапка и суспензија на жалителот, иако согласно член 32 став 9 од Деловникот за работа на Судскиот совет на РМ, сите акти во поранешната постапка, требаше да се укинат.
Иако со решението за повторување на постапката, беа укинати претходното решение за разрешување на жалителот и решението на жалбениот совет при Врховниот суд, тие акти беа изведени како доказ и ценети при донесувањето на новото решение, што е недозволено.
Постапката тотално ги игнорираше утврдувањето и налозите во конечната пресуда, процесните права на барателот и беа сторени низа повреди на јавноста, непосредноста, на правото на правично и фер судење, со што повторно беше направена повреда на одредбата на член 6 став 1 од Конвенцијата.
Она што е најважно, повредено е правото на слободно судиско уверување и одлучување. Судиската одлука може само правно да се преиспитува на начин предвиден во Уставот и законот. Судијата не може да одговара за својата одлука освен ако со тоа не изврши кривично дело, што не е во случајов. Не треба да се заборави и дека одлуките на ЕКЧП се задолжителни за домашните органи и тие треба доследно да ги извршуваат. Тоа гарантира владеење на правото и правичното и фер пресудување.
СУДСКИ СОВЕТ ГАРАНТ ИЛИ ПРЕЧКА ЗА САМОСТОЈНО СУДСТВО
Изигрување на АКМИС-от и местење на предметите, избирањето послушници за претседатели на судовите, директното влијание на исходот на определени судски предмети од извршната власт ‒ се само дел од проблемите кои беа лоцирани и обелоденети со бомбите и извештајот на Прибе
Ѕвонко Давидовиќ, адвокат
Од осамостојувањето на Република Македонија се размислува и заговара поголема самостојност на судството како една од трите власти, а сè со цел да се намали, односно сосема исклучи влијанието на извршната власт. Согледувањата беа дека самостојниот буџет, односно самостојното и стабилно финансирање на судовите и судската власт е еден од гарантите на самостојноста и независноста на судството. Како предуслов за самостојно и независно судство, покрај финансирањето, беше и идејата да се намали притисокот и зависноста на судиите од нивниот избор во Собранието, па се одлучи да се воведе траен судски мандат на судиите и изборот да го врши самостоен судски орган кој го доби името Републички судски совет.
Со вака поставените гаранции, предвидени, како во Уставот на Република Македонија така и во Законот за судски совет и Законот за судовите, реално беше очекувањето за релаксирање на состојбите во судството, поставување на здрави темели за самостојност и независност на судството, маргинализирање на влијанието на другите две власти, особено извршната.
За жал, очекувањата не се исполнија, а дадените гаранции или предуслови не беа доволни за да заживее самостојноста на судството, а судиите навистина да станат самостојни и независни во своето одлучување. Преку ноќ, сите можни гаранции и предуслови, кои беа обезбедени како гаранции за самостојноста, беа изиграни, и тоа со неколку одлуки.
Една од основните причини за изигрување на добрата идеја и шансата за самостојно и независно судство е немањето на одговорност на членовите на Судскиот совет за своето работење. Во Законот за судски совет воопшто не беше предвидено пред кого ќе одговараат членовите на Судскиот совет за своето работење, што создаде чувство на недопирливост, неодговорност и комоција кај истите.
Втората причина е што, главно, се пријавуваа и избираа судии за членови на Судскиот совет, кои немаа некој голем стаж, ниту искуство во судството ниту, пак, значителни и забележителни резултати. Пријавените кандидати, а особено во периодот на „груевизмот“, повеќе се занимаваа со политика отколку со судството и правото и немаа морален и интелектуален капацитет да дадат отпор на притисоците на извршната власт.
Резултатот на ова беше погубен. Изборот на судиите или нивното напредување во повисоките судови не се вршеше во Судскиот совет, туку на партиска координација, а што се виде и од бомбите кои беа објавени и на кои се слуша тогашната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска, која сево ова го потврдува со своето додворување и послушност.
Ваквата партизираност и полтронство на Судскиот совет неминовно доведе до избирање на судии по партиски клуч, според партиската послушност и наклонетост, а што доведе до разнебитување на и онака кревкиот и нестабилен судски систем.
Изигрување на АКМИС-от и местење на предметите, избирањето послушници за претседатели на судовите, директното влијание на исходот на определени судски предмети од извршната власт ‒ се само дел од проблемите кои беа лоцирани и обелоденети со бомбите и извештајот на Прибе.
ЕУ НОТИРАШЕ ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА ПОЛИТИЗАЦИЈА И СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА
Апликациите поднесени против Македонија во периодот од 2008 до 2018 г., а кои се прифатени од Европскиот суд за човекови права, резултираат со утврдување на повреда на најмалку еден член од Европската конвенција за човекови права во 89 отсто од случаите
Натали ПЕТРОВСКА, извршен директор на коалицијата „Сите за правично судење“
Периодот од 2008 до 2019 година го одбележаа повеќе судски реформи, кои се однесуваа на повеќе аспекти на судството, вклучувајќи системски и структурни реформи на институциите во овој сектор, како и на промени во процесните закони кои директно влијаат на судските процеси.
И покрај сите реформи, карактеристично е што, според податоците на Еуробарометар, постои висока недоверба во судството кај граѓаните (од 65% до 70%), што воедно коинцидира со извештаите на Европската комисија, каде што се потенцира значењето на суштинско спроведување на реформите и овозможување на ефикасност, компетентност, независност и непристрасност на судството. Извештаите на ЕК за овој период нотираат одредена подготвеност и одреден степен на спроведување на реформите, но искажуваат загриженост во поглед на политизацијата на судството, притисоците и селективната правда.
Главните проблеми се посочуваат во функционирањето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, големиот број нерешени предмети, долгите и неефикасни истраги, како и проблематичната пракса при изборот, унапредувањето и дисциплинската одговорност на судиите и обвинителите. Ваквата реторика се заострува во 2015 и 2016 година, кога ЕК констатира дека не постои никаков напредок, напротив, постои и уназадување во одредени сегменти поврзани со независноста и ефикасноста на судството.
Од податоците на истражувањата и набљудуваните судски предмети во овој период, Коалицијата, исто така, забележува дека постои проблематична пракса во спроведувањето на законите, но и проблеми со транспарентноста на судовите и останатите институции во правосудниот сектор. Поради релативната затвореност на институциите и недостигот на податоци, истражувањата речиси без исклучок беа ограничени, но она што највпечатливо се издвојува од податоците е високиот процент на одложени рочишта, како и севкупната должина на постапките, односно недоследната примена на правото на судење во разумен рок, загарантирано како со домашното така и со меѓународното право.
Во таа насока ни говори и статистиката на Врховниот суд во поглед на исплатената оштета во просек од 100.000 евра на годишно ниво како резултат на прекршувањето на правото на судење во разумен рок. А неизбежно е да се потенцира и фактот дека одредени медиумски експонирани предмети, кои беа иницирани во овој период, се сè уште активни („Змиско око“, „Калдрма“, „Монструм“, „Тенковски делови“).
Поставеноста на системот за оценување на работата на судиите и критериумите за нивното унапредување придонесуваа истите да ги толкуваат законските одредби строго формалистички и во насока која би овозможила најлесно исполнување на ваквите критериуми, без притоа да се навлегува во квалитетот на доделената правда. Дополнителен фактор кој придонесуваше кон оваа состојба беше честата промена на распоредите на судиите во самите судови, како и сомнежите за висока корупција, политички влијанија и мешање на извршната власт во судството, кои во голема мера беа потврдени со објавувањето на „бомбите“. Како резултат на ова, апликациите поднесени против Македонија во периодот од 2008 до 2018 г., а кои се прифатени од Европскиот суд за човекови права, резултираат со утврдување на повреда на најмалку еден член од Европската конвенција за човекови права во 89 отсто од случаите.
Периодот го обележа и поднесувањето голем број на тужби за клевета и навреда против новинари од страна на јавни личности и носители на функции, кои неретко резултираа со пресуда во полза на тужителот, голема примена на мерката притвор без посебни образложенија за тоа, екстензивна примена на посебните истражни мерки, посебно оние кои се однесуваат на пресретнување на комуникациите, слабата човечка екипираност на судовите и обвинителствата, недостигот на финансиски средства во мера предвидена со закон, штрајкот на судската администрација, како и формирањето на Специјалното јавно обвинителство.
Нефункционалноста и политизираноста на тогашното редовно јавно обвинителство, политичкиот прогон на неистомислениците, канализиран низ судскиот систем, како и отворените напади врз медиумите кои не беа во функција на тогашната власт, но и генералната политичка криза која во тој период ја зафати Македонија, беа причината за формирањето на оваа ад хок-институција (тело) ‒ Специјалното јавно обвинителство. Истото претставуваше своевиден водечки принцип после кој очекувано беше да се напушти концептот на „заробена држава“, но и одредница за понатамошните процеси на реформирање во правосудството и излез од правната и политичка криза.
Продолжува: СПЕКТАКУЛАРНИ АПСЕЊА, „БАЏАНАК ОБВИНИТЕЛСТВО“, МОНТИРАНИ СУДСКИ ПРОЦЕСИ (2)
(Tекстот е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).