Цукерберг изгуби 7 милијарди долари

by fokus

Нема детални официјални информации за причините за падот на трите социјални мрежи, Фејсбук, ВатсАп и Инстаграм, но падот засега се припишува со проблемите со ДНС серверите(Domain Name System). DNS-от им овозможува на веб-адресите да ги „однесат“ корисници до посакуваните дестинации.

-Свесни сме дека некои луѓе имаат проблеми со пристапот до нашите апликации и производи. Работиме на тоа да ги вратиме работите во нормала што е можно побрзо и се извинуваме за било какви непријатности, порачаа од Фејсбук. Со слични пораки на Твитер се огласија и од ВатсАп и од Инстаграм.

Голем број на пријави за недостапност на Фејсбук се гледаат и на страниците downdetector.com и на други слични страници.

Проблеми се појавиле и на Твитер

Луѓето околу 21.30 часот почнаа да се жалат и на проблеми на Твитер каде се прелеа најголем дел од сообраќајот од Фејсбук. На downdetector корисниците се жалат како не можат да одговараат на објавите на Твитер и дека одговорите на објавите не им се прикажуваат.

Околу 22 часот на Твитер се јави и Мик Шроефер, шеф на техничкиот оддел на Фејсбук. – Искрено извинување на сите затечени од падот на Фејсбук сервисите. Имаме мрежни потешкотии и нашите тимови работат најбрзо што е можно за да ги поправат проблемите и за да се вратат што е можно повеќе, напиша Шроефер.

Акциите на Фејсбук се во пад за околу 5 отсто. со што пазарната вредност е срушена за повеќе од 50 милијарди долари, јавуваат светските медиуми. Богатството на основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг за неколку часа падна за речиси 7 милијарди долари, што на ранг листата на најбогати луѓе „го падна“ на петто место, пишува Блумберг.

Поврзани новости