За првпат, Фејсбук блокираше содржина од официјалната страница на американскиот претседател Доналд Трамп, а Твитер одзеде можност целиот штаб на кампањата да објавува пораки со објаснување дека Трамп шири лажни информации за коронавирусот.
Блокираната порака, што содржи линк до интервју со претседателот за емисијата „Fox & Friends“, беше објавена во средата, јави Би-Би-Си. Во неа, тој продолжува да се залага за отворање на училишта во САД за сите ученици, тврдејќи дека децата имаат „речиси целосен имунитет“ против коронавирусот. Таа порака беше отстранета неколку часа по објавувањето.
Портпаролот на Фејсбук коментира дека компанијата била принудена да го стори тоа затоа што „во видеото има лажни обвинувања дека група луѓе се имуни на коронавирусот“.
-Ова ја нарушува нашата политика во однос на штетните дезинформации за Ковид-19, додаде портпаролот на Фејсбук.
Претходно, социјалната мрежа ги отстрани рекламите објавени од изборниот штаб, но досега не ја цензурирале официјалната веб-страница на 45-от претседател на САД.
Портпаролот на Твитер, Лиз Кели, рече дека штабот на Трамп објавил порака со која се кршат правилата на социјалните медиуми. Таа појасни дека тимот на претседателот може да ја обжали одлуката.