Фејсбук го блокира венецуелскиот претседател, тврдел дека мајчина душица е лек за Ковид

by fokus

Венецуелската влада во неделата го обвини Фејсбук за „дигитален тоталитаризам“ откако го замрзна профилот на претседателот Николас Мадуро на 30 дена поради ширење дезинформации за Ковид-19.

Од Фејсбук за Ројтерс велат дека овој викенд избришано е и видео во кое Мадуро го промовира „карвативир“, лек од венецуелско производство, за кој тврди, без докази, дека ја лекуваа оваа болест. Лекот се темели на мајчина душица.

Од оваа социјална мрежа тврдат дека ги следат насоките на Светската здравствена организација според кои во моментот не постои лек за Ковид-19.

„Сведоци сме на дигитален тоталитаризам на наднационални компании кои сакаат да ги наметнат своите правила на државите во светот“ коментира венецуелското министерство за информирање.

Фејсбук не сака да коментира.

Мадуро, кого САД и многу западни земји го сметаат за диктатор, објави во неделата твит дека својот дневен брифинг за корона вирусот ќе го објавува на Фејсбук профилот на својата сопруга Силија Флорес.

Венецуела досега пријави 155.663 случаи на зараза со корона вирус и 1.555 починати.

Поврзани новости