Поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, повторно сака да застане на чело на Државното обвинителство, бидејќи конкурирал на огласот кој го распиша Владата, неофицијално дознава,,Фокус”.
Од Владата ниту ја потврдија, ниту ја демантираа информацијата на ,,Фокус”, а ниту лично Стафа не одговори на нашата порака.
Според Законот за државното правобранителство, државниот правобранител го именува Владата по предлог на министерот за правда. Комплетната документација на апликантите деновиве од Владата ќе се достави до Министерството за правда, бидејќи огласот завршува денеска.
Стафа на функцијата дојде во 2018 година како кадар на Алтернатива, а шестгодишниот мандат требаше да му истече во 2024 година. Сепак, без образложение од Владата, беше разрешен летото во 2022 година, а во истиот ден и самиот си поднесе оставка.
Инаку неколку месеци претходно Стафа поднесе кривична пријава за неуспешната конфискација за случајот ,,Трансмет”, против обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, како и за тогашниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, но од друга страна обвинителството ја истражуваше и неговата улога, односно на Државното правобранителство во случајот со конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан.
Предметот се уште е активен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека неговата кривична против обвинителите беше отфрлена. На прашањето до Обвинителатвото, во која фаза се наоѓа предметот, ни одговорија дека наскоро ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
-За предметот за кој покажувате интерес предметниот обвинител прави анализа од спроведените истражни дејствија по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде информирана, ни одговорија од Обвинителатвото.
Инаку обвинителството во изминатиот период ја истражуваше улогата на правобранителството, враќајќи се кон крајот на 2019 година, во рамките на стечајната постапка, поточно на испитното рочиште одржано во Основниот суд Скопје 2.
Тогаш, според нашите соговорници, државниот правобранител требало да го оспори побарувањето на „Пуцко петрол“, кое го имало кон „Трансмет“, во вредност од 1,3 милион евра. Но, бидејќи тоа не било оспорено, дел од средствата што требало да се одлеат во државниот буџет, завршиле во „Пуцко петрол“.
Заклучокот дека Државното правобранителство можело да го запре извршувањето, но не го сторило тоа, тогаш го наметна и Судскиот совет.
Тогашниот правобранител Стафа, на прашањето на ,,Фокус”, зошто на ова рочиште не го оспориле побарувањето на „Пуцко петрол“ во 2019 година, туку реагира со поднесување на тужби, дури во 2021 година, одговори дека секоја нивна реакција била навремена.
Сега крајниот збор се чека од Обвинителството, но и од Владата, која треба да одлучи дали Стафа ќе се врати на старата функција.
Валентина Вурмо