Патниците кои летово ќе патуваат со авион се предупредени на „предизвикувачко“ лето. Еуроконтрол, регулатор на воздушниот простор во Европа, очекува контролата на воздушниот сообраќај да биде преоптоварена во многу европски земји.
Еуроконтрол издаде предупредување на почетокот на туристичката сезона. Тие велат дека се очекуваат околу 33.000 дневни летови низ Европа во следните осум недели, што е зголемување за околу 8 отсто во споредба со истиот период лани, пренесува Тајмс.
Се очекува Британците да остварат повеќе од 25 милиони прекуокеански патувања од сега до септември, главно со авион.
Еуроконтрол најавува „голем метеж“ во сообраќајот во многу важни региони, вклучувајќи ги Ремс и Марсеј во Франција, Атина и Будимпешта. Агенцијата издаде слични предупредувања за Лондон, Барселона, Брисел, Будимпешта, Никозија, Варшава и Загреб во деновите на шпицот на сообраќајот, особено во петок и за време на летните викенди.
„Преоптоварувањето може да резултира со одложувања и пренасочување на авионите кои ќе бидат принудени да летаат на подолги рути за да ги избегнат ограничувањата“, велат од агенцијата.
„Ова лето во Европа е предизвик, бидејќи имаме помалку достапен воздушен простор поради војната во Украина и воените потреби. Секој мора да ја игра својата улога. Аеродромите треба да бидат добро екипирани, од витално значење е да се обезбеди доволно капацитет за услугите на воздушниот сообраќај , а авиокомпаниите треба да се држат до своите распореди“, рече Раул Медина, генерален директор на Еуроконтрол.