Откриени се два нови сомнителни пакети адресирани до претставничката на Демократската партија од Калифорнија во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Максин Вотерс, потврди американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Пакетите имаат слични карактеристики како и претходно откриените пет други, со експлозивни направи испратени на адреса на политичари и медиуми.
Федералните власти, преку соопштение на Твитер, објавија дека едниот пакет е откриен во складиште во Лос Анџелес, откако претходно Вотерс информирала дека во нејзината канцеларија во Вашингтон е испратен сомнителен пакет.
Полициски службеник изјави дека пакетите-бомби кои се откриени во текот на вчерашниот ден содржеле прав и скршено стакло во цевка од ПВЦ материјал долга околу 15 сантиметри облепени со црна лента. Во нив имало и мала батерија како за часовник. Полицаецот не наведува дали правта била експлозивна.