Околу 2.400 документи поврзани со атентатот на американскиот претседател Џон Фицџералд Кенеди кои никогаш не биле доставени до комисијата задолжена за преглед и откривање на документи, открила американското Федерално истражно биро, дознава порталот „Аксиос“.
Новите доверливи досиеја вклучуваат 14.000 страници пронајдени од ФБИ во ревизијата започната со извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп на 23 јануари, со која се бара објавување на сите документи поврзани со убиството на ЏФК во 1963 година.
Постоењето на новите документи беше откриено во Белата куќа во петокот, кога Канцеларијата на директорот на националното разузнавање го претстави својот план за објавување досиеја за атентатот нарачан од Трамп.
Аксиос забележува дека содржината на новопронајдените записи е строго чувана тајна. Тројца извори на американскиот портал изјавија дека се уште не ги виделе документите.
„Ова е огромно. Тоа покажува дека ФБИ сериозно го сфаќа ова“, рече Џеферсон Морли, експерт за атентат и потпретседател на непартиската фондација Мери Ферел, најголемата онлајн архива на нацијата за атентатот на Кенеди.
Експертите не очекуваат „големо откритие“.
Од друга страна, експертите сметаат дека преостанатите документи што треба да се објават, како и новооткриената транша од 2.400 извештаи, веројатно нема дефинитивно да докажат дали Ли Харви Освалд дејствувал сам или бил дел од поширок заговор.
Според Актот за откривање на атентатот на Кенеди од 1992 година, извештаите треба да бидат предадени на Одборот за преглед на досиејата за атентати, а потоа до Националниот архив, кој поседува збирка документи што требаше целосно да бидат откриени во 2017 година.
Трамп, тогаш во неговиот прв мандат, го одложи објавувањето на документите по совет на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Неговиот наследник Џозеф Бајден нареди ограничено објавување на документи кои „се уште не биле целосно во согласност со духот на законот“.
За време на кампањата во 2024 година, Трамп им вети на своите поддржувачи и на Роберт Кенеди Јуниор, внук на покојниот претседател, дека ќе ги објави сите досиеја за атентатот на Џон Ф. Кенеди, како и оние поврзани со смртта на Роберт Ф. Кенеди.
Наредбата на Трамп предвидува до 9 март да се објават информациите за атентатите на ЏФК и Мартин Лутер Кинг.
И покрај наредбата на Трамп, рекоа изворите на Аксиос, различните разузнавачки агенции кои имаат записи за атентатот сè уште препорачуваат извештаите да бидат преработени.