Фатмир Етеми – поранешен политичар кој стана „голем“ градежник и акционер

Кој е бизнисменот чија компанија ЗСФ-КОМ приватизирала државно земјиште среде Центар за 7 евра по квадрат?

by Фокус

Бизнисменот Фатмир Етеми деновиве повторно го предизвикува вниманието на јавноста, откако беше обелоденето дека неговата градежна компанија приватизирала државно градежно земјиште среде Центар, во близина на Нова Македонија, за цена од само 7 евра по квадрат.

Всушност, за реализација на оваа бизнис-зделка биле искористени поволностите што ги овозможуваат одредени закони и правилници, кои допуштаат легализација на дивоградби, спојување на парцели и доприватизирање на земјиште по багателни цени.

Имено, станува збор за неколку катастарски парцели распоредени во две градежни парцели, кои во изминативе години преминувале во сопственост на градежната компанија ЗСФ-КОМ во сопственост на Етеми.

Според се уште важечкиот Детален урбанистички план за овој простор, на овие градежни парцели се предвидува изградба на хотел и станбена зграда.

Меѓутоа, градоначалникот на Центар Горан Герасимовски сооопшти дека го прифатиле барањето на Етеми, наместо два објекти да се изгради еден објект со деловно-комерцијална намена, со тоа што општинските органи допрва ќе одлучуваат во поглед на катноста и габаритот на објектот.

МАЈЧИН ДОМ

Инаку, ова не е првпат да се крене прашина околу одреден градежен зафат на Етеми. Како што е познато, со многу контроверзии мина изградбата на станбена зграда кај Мајчин Дом во скопски Аеродром.

Кога беше носен ДУП-от што предвидуваше изградба на зграда на оваа локација, која дотогаш беше зелена површина, градоначалник беше Ивица Коневски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Во тоа време, тогаш опозициските социјалдемократи протестираа против изградба на објектот, а меѓу фронтмените на протестите беше Златко Марин, кој подоцна стана градоначалник на Аеродром.

Па, ако во време на Коневски беше донесен планот за изградба на објектот, во време на Марин му беше издадено одобрението за градба на Етеми, со образложение дека Уставниот суд пресудил дека мораториум на градба, каков што беше воведен во Центар, е неуставен.

Така, Етеми почна да го гради објектот на 8 ката со 248 станбени единици. Како што пишуваше Фокус, уште во тек на градба беа впишани предбелешки во Катастарот на недвижности, а еден од оние што се стекна имот во овој обејкт е и ексградоначалникот Коневски.

СТАН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР

Односно, адвокатското друштво на Коневски и првиот човек на компанијата-инвеститор на објектот Етеми, во март 2019 година склучиле преддоговор за деловен простор со површина од 324 квадратни метри, на сума од 1.200 евра за квадратен метар или вкупно 388.800 евра.

Тогаш, Коневски велеше дека преддоговорот е склучен по пазарна цена, но дали тој ќе се реализира зависи од тоа, како што истакнуваше, дали ќе обезбеди кредит од банка и дали ќе најде закупец за кредитот да се сервисира. На крајот, тој го купи просторот, а потоа под закуп го зеде Тинекс.

Освен Коневски, во овој објект стан купил и кумашинот на Марин и воедно членот на Управниот одбор на АД МЕПСО, Симон Шутиноски, кој стекна стан од 75 квадратни метри во вредност од 86 илјади евра.

Станот е купен по комерцијална цена. За купопродажба на истиот е продаден стан во моја сопственост од 69 м2 на и подигнат е нов кредит на ден 15.11.2019 година со отплата на 30 години во Комерцијална банка – ни изјави тогаш Шутиноски.

Етеми, пак, изјави дека земјиштето го купил во 2017 година на јавна лицитација од Комерцијална банка, откако претходно имал неколку сопственици.

АКЦИОНЕР ВО СКОПСКИ ПАЗАР И КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

Исто така, името на Фатмир Етеми беше дел и од сторијата објавена во неделникот Фокус со наслов „Фирма на Георгиевски добила 3 милиони евра од буџетот, а должи над 100.000 евра за данок“.

Поточно, поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, се поврзува со две градежни компании – Едилха и ВИП Проект, кои се јавувале како инвеститори на неколку градежни објекти. Притоа, еден од овие проекти е наведен и меѓу референците на ЗСФ-КОМ на Етеми.

Се работи за објектот наречен Палата Водно, лоциран на улицата Тодор Александров, кој, како што пишувавме, го градела компанијата на Етеми – ЗСФ, но земјиште било во сопственост на компанија на Георгиевски, односно на неговата најнеактивна компанија – Еуропрофил.

Според податоците од Катастарот на недвижности, оваа компанија поседува половина од градежното земјиште со површина од 1.200 квадратни метри. Што се однесува до другата половина, на неа е изграден станбениот објект со приземје, четири ката и поткровје.

Инаку, Етеми порано бил дел од ПДП, ДПА и Нова Демократија, бил пратеник и кандидат за градоначалник. Освен што ја замени политиката со градежништвото, тој во меѓувреме стана и акционер во крупни акционерски друштва, така што денес е најголем акционер во Скопски Пазар и еден од поголемите акционери во Комерцијална банка.

Влатко Стојановски

Поврзани новости