Обвинителката Фатиме Фетаи, на денешното рочиште за насилството во Општина Центар, побара објаснување од обвинетиот Александар Трајковски, која е целта на неговото патување Будимпешта, каде беше фотографиран заедно со пребеганиот екс премиер, Никола Груевски, при што тој потврди дека се сретнал со Груевски.
На тоа советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, пред судечкиот совет објасни дека во Унгарија бил поради специјалистички преглед за синусите и дишните патишта.
-Отидов во Будимпешта да барам второ мислење за мојата болест. Унгарија како понапредна држава од Македонија и членка на ЕУ има и понапредно здравство. Побарав мислење од доктори и за тоа имам и документација што ќе ја доставам до судот. Во Будимпешта заминав самоиницијативно на своја воља – рече Трајковски.
На денешното рочиште тој носеше и медицинска документација и сметки од платениот преглед. Трајковски е вработен во Царинската управа на Република Македонија, а откако беше „фатен” во Унгарија, оттаму информираа дека тој земал боледување од 5 декември.