Фатете го крадецот, викна крадецот

by Fokus

Секоја политичка партија додека е опозиција тврди дека судството е корумпирано, исполитизирано и алатка на власта. Но, мигот кога ќе дојде на власт почнува да тврди како судството е самостојно, функционално, независно ослободено од секаков притисок, а при тоа не е спроведена ниту една реформа, кадарот е ист, условите исти.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Судството успеа да го расипе и онака катастрофалниот резултат од само 8 отсто доверба кај граѓаните и истото падна на 4 отсто доверба. Еднаков процент на доверба имаат и Собранието, политичките партии, претседателот, а обвинителството е дури и под овој катастрофален процент.

Најновото истражување, покрај овие катастрофални резултати покажа дека за секојдневна корупција, непотизам и раздор меѓу граѓаните најодговорни се политичките партии и политичарите  кои уживаат довербата, иста како и кај судството.

Вака изгледа јавната перцепција на граѓаните во спроведеното истражување на Институтот за демократија во рамки на програмата за парламентарна поддршка. Граѓаните сметаат дека економските услови во земјава се толку лоши што се соочуваме со огромна сиромаштија и иселување на младите луѓе надвор од државата, а што предизвикува недостиг на квалитетен кадар во институциите.

Со години се зборува за урнисан систем, разнебитени институции и држава, за политичари и политички партии извор на корупција и исполитизирано и “јавнато” судство од извршната власт но нашите политичарчиња и политиканти се правеа недоветни и се обидуваа да ја прикажат ситуацијата поинаква и розова.

Таквиот однос на политичарите и нивната лажливост и спинување на вистината во неколку наврати предизвика и меѓународна реакција, која резултираше со доаѓање на странски експерти во земјата за да ни укажат и буквално ни нацртаат што треба да правиме.

Но очигледно е слатка власта, а рацете до раменици во криминал и корупција, па освен климањето со глави и полтронски насмевки пред странците нашите функционери немаат што да понудат и ниту се кадарни ниту сакаат да сменат нешто.

Ако посетата на Прибе заврши и се заборави, американската посета на експерти е се уште свежа, но и задачите кои треба нашите политичарчиња да ги завршат се јасни како и резултатите кои треба да ги испорачаат.

Она што овие денови се случува во државата на линија извршна власт, судство е очекувано и ни малку не ги  изненадува оние што подолго време ја следат состојбата во правосудството но јасно ја покажува недоветноста на политичарите и нивната дволичност.

Секоја политичка партија додека е опозиција тврди дека судството е корумпирано, исполитизирано и алатка на власта. Но, мигот кога ќе дојде на власт почнува да тврди како судството е самостојно, функционално, независно ослободено од секаков притисок, а при тоа не е спроведена ниту една реформа, кадарот е ист, условите исти.

Тоа се случи и со актуелната власт која додека беше во опозиција тврдеше дека судството е исполитизирано и со партиско влијание за да веднаш по доаѓањето на власта почнат да тврдат дека  судството е добро, квалитетно, самостојно и расветано како пупка.

Во овие неколку години колку што се на власт успеаа да го доразнебитат и она малку што останало од судството и да го искористат за решавање на политичките проблеми што дополнително ја намали ионака малата доверба во судството на 4 отсто.

АМНЕСТИРАА ОБВИНЕТИ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПОТРЕБИ

Лицитираа со пресуди во јавноста првите луѓе на оваа власт, информираа преку малите екрани и партиските трибини за случувањата во истрагите кои се тајни, амнестираа обвинети за политички потреби, разрешуваа обвинители и судии кои ќе се дрзнеа да повикаат на одговорност актуелен функционер, а за сето време крадеа и се богатеа и ја растураа државата.

Јавно ги бранеа сите оние кои беа дел од истата партиска клика, а кон кои ќе излезеа во јавност сомневања за сторени кривични дела па така првите луѓе на извршната владт го бранеа и тогашниот генерален секретар, министерот за здравство, директорот на фондот за здравствено осигурување, градоначалници…

Одеднаш до вчера доброто и независно судство за кое тврдеа дека е реформирано без ниту една реформа,  денес стана испартизирано и корумпирано. На големо сета клика на извршната власт  заедно со претседателот на државата коментира судски одлуки, се заканува, повикува на одговорност.

Забораваат политичарите дека немаат право тоа да го прават од неколку причини. Прво, тие се функционери на извршната власт и секој коментар на судска одлука може да се сфати како политички  и партиски притисок врз судството. Една работа е кога професори, адвокати, научници, експерти коментираат , а не се носители на било каква јавна функција, но сосема друга работа е кога тоа го прават функционери од извршната власт при уставна поделба на властите.

Второ, најголемиот дел од нив ниту има познавања од оваа област , а најголем дел од нив немаат познавања од ниту една област освен од партиското лактање и блеење на партиските собири, па тешко да може објективно и стручно да коментира судска одлука , а притоа нема никаков увид во доказите и списите во предметот.

Трето, истите политичари кои сега врескаат и вперуваат прст кон судството, до вчера ги ползуваа неговите благодети и беа над законот и недопирливи, намерно одбегнувајќи да направат и спроведат вистинска реформа во судството.

Истите тие, кои не спроведоа ни најмала реформа во едно крајно исполитизирано и партиски инфицирано судство немаат сега право да се жалат затоа што точно знаеа со што имаат работа но се додека им одговараше молчеа.

Четврто, партиските вдомувања или роднинско пријателските вдомувања во највисоките органи на судството преку флоскулата “истакнат правник” најмногу зборуваат за оној кој ги предложил и неговиот однос и неговото сфаќање на судството и неговата самостојност, независност и квалитет.

Оној кој предлага стручни соработници во судскиот совет, правници од министерство за здравство во Уставен суд тешко да може да има право да се чуди на состојбите во судството и судските одлуки кога и самиот “кумувал” на истите.

Петто, со никаква доверба од граѓаните, еднаква на онаа  која ја има и судството, со сиот багаж на партиското корумпирање на институциите тешко да може критиката да се сфати сериозно кога сето ова наликува на она стара поговорка ” Фатете го крадецот- викна крадецот”.

Поврзани новости