Полицијата во претпладневните акции за контрола на возила во јавниот превоз на полошкото подрачје открила повеќе прекршоци. Исклучени од сообраќај се два автобуса заради неисправни сопирачки, десет возачи немале лекарски уверенија и соодветна возачка дозвола.
Од СВР Тетово информираат дека нивни службеници во содејство со државни и општински инспектори по сообраќај спроведоа акциска контрола на автобуси и други возила кои вршат јавен превоз на патници.
-При контролата биле откриени два автобуса од кои еден во Тетово и еден во Гостивар кои имале неисправни сопирачки и биле веднаш исклучени од сообраќај. На возачите им се изготвени соодветни поднесоци. Покрај тоа, поднесоци им се изготвени на 10 возачи (ТЕ-6 и ГВ-4). Повеќето немале лекарски уверенија и за несоодветна категорија за управување. На два превозника од тетовско изготвени им се поднесоци за непоседување на потребните лиценци, а преземени се и четири други мерки за возачи во Гостиварско, наведуваат од СВР Тетово.
Од полицијата потсетуваат дека се планирани вакви активности и во наредните денови. Нивната цел е навреме да се откријат, санкционираат и отстранат технички неисправните возила кои вршат јавен превоз на патници.