Уапсен е маж кој е поврзан со пукањето во областа Сисак во Хрватска, при што синоќа 45-годишна жена е убиена во ромската населба Чапрашке Пољане, а четири лица се ранети.
Целосно изгореле две семејни куќи и еден автомобил, додека делумно изгореле една куќа и еден автомобил. Мажот е приведен е во службените простории на полицијата и против него ќе биде спроведена кривична истрага, соопшти денеска рано наутро полицијата.
При интервенцијата полесно е повреден пожарникар. Медицинска помош им била укажана на две лица, меѓу кои и едно дете, кои биле полесно повредени додека бегале.
Вооружениот маж дошол во куќата на соседот, пукал врз луѓето и запалил две куќи на соседите. Убил едно лице, повеќе ранил, а потоа побегнал. Луѓето од страв се забарикадирале со покуќнина за да не ги убие и избегале низ прозорците кога човекот започнал да пука.
Соседите за локалните медиуми изјавиле дека напаѓачот, маж за кој се тврди дека има околу 60 години, имал психички проблеми од порано и ги обвинувал соседите дека го трујат.