Фатен ланате трујач во Тиквешијата, го признал делото!

by Fokus

Од здружението за заштита на животните ,,Спаси живот, добиј живот, помогни им на животните” Кавадарци, известуваат дека конечно е фатен ланате трујач и истиот го признал делото.

Појаснуваат дека станува збор за последното труење од минатата недела во населбата Глишиќ, кога во агонија и страшни болки умре маалското куче Белка, од ланате ставено во салама.

-По пријава од активист за заштита на животните, полицијата излезе на терен, и од кримтехника земени се примероците кои трујачот ги искористил за труење.

Денес Јавното Обвинителство не информира дека сторителот е пронајден и делото го признал во полициска станица.

Се работи за лице на возраст од 32 години, од истата населба.

Против него се водат две кривични дела.

Постапката е во тек, и ние како заштитници за благосостојбата на животните ќе ја следиме целата постапка, се до главната пресуда- истакнаа од здружението.

Велат дека се надеваат и веруваат дека овојпат надлежните ќе изречат казна според законот за стореното кривично дело и сторителот ќе ја добие заслужената казна, за труењето со ланате никогаш да не се повтори и случајот да биде поука за сите кои некогаш ќе помислат да расфрлаат отров, да предизвикаат мачна смрт на невини животни, но и да предизвикаат општа опасност, загрозувајќи ги животите на целата заедница.

-Голем апел упатуваме до сите граѓани, кои ќе наидат и видат било каков случај што е закана по живот и за животните и за луѓето веднаш да пријават во полиција.

Исто така испраќаме порака до оние кои ќе се осмелат да трујат, да исфрлаат цели легла на новородени мачиња, кучиња, исто и напуштање на миленици или малтретирање, дека бурно ќе реагираме и ќе бидете пријавени, по што ќе ви следува кривична постапка и ќе бидете казнати по закон-порачаа од здружението.

Од обвинителството за ,,Фокус” го потврдија настанот, како и дека трујачот го признал делото. По комплетирање на сите материјали ќе следела соодветна постапка.

Веста дека конечно, по стотици труења со опасниот и разорен отров ланате, кој е забранет во земјава, полицијата успеала да најде сторител на ова дело, наиде на поздрав од јавноста.

Со години наназад граѓаните алармираат за опасноста од расфрлањето на овој отров, кој посебно во Тиквешијата е широко распространет, наводно бидејќи се уште лозарите го користеле за прскање на лозјата.

Минатиот месец, откако поради труење со ланате починаа две жени во Скопје, а еден маж беше хоспитализиран во тешка состојба, повторно се актуелизираа апелите сериозно да се сфатат сите труења со инсектицидот, бидејќи не само животните, туку и луѓето можат да станат жртви, со оглед на јачината на отровот.

Станува збор за многу ситен бел прашок, без мирис, и доволни се неколку грама да убие животно или човек, а како што за ,,Фокус” појаснија агрономи од Тиквешијата, граѓаните нелегално го набавувале преку шофери од Турција, по цена од 1.000 денари за сто грама.

Вики Клинчарова

Поврзани новости