Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски денеска го објави списокот на играчи со кои Македонија ќе истрча на ЕП кое ќе се одржи наредниот месец.
Во однос на претходните репрезентативни собири, го нема голманот Мартин Богатинов, на чие место доби повик Ристе Јанков од Работнички, но и Агим Ибраими и Стефан Ашковски. Од друга страна, има место за Ферхан Хасани, кој, пак, едвај имаше минутажа во албански Партизани.
Дел од фановите даваат силна поддршка на повиканите фудбалери и селекторот, но дел гласно коментираат – зошто нема место за напаѓачите Адис Јаховиќ и Бесарт Ибраими?.
Јаховиќ игра добро во турскиот шампионат во дресот на Гезтепе, одигруваЈќи 19 натпревари оваа сезона и шестпати се запиша во листата на стрелците, додека пак напаѓачот на Шкендија, Ибраими е најдобар стрелец во македонскиот шампионат со постигнати 24 погодоци.
Сепак, треба јавноста да се потсети дека Јаховиќ после мечот со Лихтенштајн соопшти дека нема веќе да настапува за репрезентацијата, со цел да им отстапи место на помладите.
Исто така, Јаховиќ порача дека „се додека е Ангеловски селектор, тој се откажува од репрезентативниот дрес“. Во тој случај, прашањето на јавноста зошто не е повикан Јаховиќ паѓа во вода.
Додека пак, Бесарт Ибраими последно настапуваше за нашата селекција во 2017 година, одигрувајќи 15 меча, без притоа да постигне погодок.
Јорданчо Цветаноски