За поздравување е секогаш кога се раѓа нешто ново, но за предупредување и за тешка осуда е нашето лакомо, недомаќинско, непатриотско однесување кон нашето природно богатство и кон она другото богатство создадено од човечка рака направено некогаш. Кој ќе го одржува денешново „ново“ и кој ќе го варди да не се уназади и запусти како нашето Маврово.
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Ако денот се познава по утрото, оваа 2025 година ќе биде: Фали ме усто оти ќе те раскинам! Што значи дека ќе ни помине во празно ломотење со нагласена употреба на честицата „ЌЕ“!
Не знам дали забележувате, драги мои, колку често во изминативе шест месеци фронтмените на новата влада го експлоатираат зборчето „ќе“ !!! И сега се потсетив на бодликавиот хумор во текстот во сатиричниот „Остен“ во годините на едноумието, најверојатно пред некои локални избори.
Ми се чини дека текстот беше од Тачко Локвенец кој, слушајќи ги кафеанските фалешници на кандидатите – тогаш, во шеесеттите, немаше телевизии ни демократија, па ветувањата одеа од мене до тебе, па на крај чаршијата и партијата ќе пресечеа.
Ама во кафеана сите силни, кој од кој посилен, па се фалат кој најмногу ќе направи за „народо“. Сатиричарот ги „цитира“ фалбите, а јас ги парафразирам според сеќавањата.
Па вели: „Че го напрајме прилепсконо езеро поголемо од Охридсконо, со плажи, со бродој и со пристаништа. Риби пастрмки че врија. Че напрајме хотели околу езерото, па ко че навала туристи, чудо че биди! Ами Плетвар како че го качуваат? Колај работа! Че напрајме аеродром во Којнари…“
СЕБЕРЕКЛАМИРАЊЕ
Еве вака ми личи и денешната политичка сцена, со мали модификации околу ПИ-АР-совршенството на новите власти. Добро, ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш професионалното себерекламирање го сметало за најважна индустриска гранка, врз чии успеси и достигнувања се одвива триесетгодишната масовна купувачка на нивниот политички производ од страна на потрошувачите – македонскиот народ.
Ама од реклама не се живее. Живеат главните политичари, живеат, и тоа богато живеат големите компании (нивните газди), банкарите, по некои од медиумите и пак главно нивните газди и се разбира живуркаат разните продуценти, менаџери, режисери, компјутерџии и по некој дизајнер. Толку.
И годинава, уште недоспани од новогодишната прослава половина влада се закрена на Кожуф планина на отворањето на новиот ски-центар, Михајлово. Се изнаредија, премиер, министри, се испофалија и се изнагордеаја што се раѓа нов скијачки центар кој ќе донесе голем број туристи од југот на земјава.
Море, ќе навалат и Грци и Турци… оптимистички прогнози иако од другата страна на планинскиот венец Кожуф – Кајмакчалан во Грција има 25 големи скијачки центри. Добро, кога тие ќе бидат пренатрупани од туристи нешто ќе се прелее и на нашава страна.
За поздравување е секогаш кога се раѓа нешто ново, но за предупредување и за тешка осуда е нашето лакомо, недомаќинско, непатриотско однесување кон нашето природно богатство и кон она другото богатство создадено од човечка рака направено некогаш.
Кој ќе го одржува денешново „ново“ и кој ќе го варди да не се уназади и запусти како нашето Маврово. Маврово, кое пред три-четириесет години беше ѕвезда на снежните приказни. Во конкуренција со една Крањска Гора, Јахорина… ја доби престижната сојузна награда „Сребрена снегулка“. Оттогаш Маврово пропаѓа. Хаотично се градат куќи, згради без придружната инфраструктура.
ЗАПОСТАВЕНОТО МАВРОВО
Со години и едната и другата власт буквално го запоставуваат Маврово. Луѓе ќе изгинеа деновиве пробивајќи се со часови низ затрупаниот тесен пат од Бистра кон Маврови Анови, па назад од кај што тргнале и потоа преку Никифорово и Леуново.
Ами кој им е крив, бегале од загадувањето па се закренале со мали деца да одат горе да ти дишеле чист воздух!!! Другиве, пак, страсните скијачи, ѓоа со скии се родиле, можеби и заслужиле да седат, да мрзнат со саати во колони кои не мрднуваат од место кога решиле да скијаат овде, дома, место во комшискана држава што не ни го признава идентитетот, ама ептен ни ги признава македонските туристи.
Важно е што од нив мавровци убаво се омрсија, што со продажбата на билети, што со алпски цени за мал сендвич, кафе или чај. „Македонија пат“ божем ги чистела патиштата од снег, ама како „песот со опашката“.
Стојанче од ЦУК не го видовме ни на терен, ни некаде по телевизииве. Полиција ни за лек. Тројца полицајци од Маврови Анови и толку. Превртени возила, други заглавени во снегот, нервози, недостиг на вода и храна, студ, неизвесност, општ застој!
Тој сообраќаен хаос, кој за некои од граѓаните во колоните можеше да заврши и трагично, за министерот Тошковски не е нешто околу што тој мора да мисли. Тој мисли само на Груби, го бара под дрво, под камен ама не го наоѓа.
Аманте бре, луѓе, најдете го Груби, па да се зафатиме со решавањето на вакви и слични животни проблеми на граѓаните!