Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција рече дека во моментот државата располага со 4 хеликоптери, но ниту еден „ер трактор“ за справување со пожари. Потенцираше дека имаат голем недостиг на пожарникари. Сепак, се надева дека за десет дена ќе бидат целосно подготвени да се справат со пожарите.
„До овој момент, не се функционални ‘ер тракторите’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), бидејќи двајца пилоти се во пензија, а Дирекцијата не смее да лета со еден пилот. И покрај напорите на директорот, овој проблем веќе 2-3 месеци не е надминат, Владата во заминување на ниту една седница не даде дозвола овие двајца пензионирани пилоти да бидат ангажирани со договор на дело. Верувам дека новата Влада на една од првите седници ќе најде решение за овој проблем“ рече Ангелов.
Тој е оптимист дека за 10 дена со раководството на новата влада на Македонија ќе можат да се решат неколку исклучително тешки проблеми кога станува збор за справувањето со шумските пожари ова лето.
Како најалармантна состојба, ја потенцираше таа во скопската противпожарна бригада, каде фалат огромен број на пожарникари. Според Ангелов, недостигаат стотици.
Има 105 цистерни со пумпи за гаснење на пожари, 33 автоцистерни за носење на вода, 49 противпожарни возила за гаснење на шумски пожари на тешко проодни места, 54 класични товарни возила со пумпи, 11 товарни возила, 6 командни, 2 возила за превоз на луѓе и опрема, 191 пумпа и 629 заштитни опреми.