Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Драги Кушовски во интервју за МИА потврди дека во моментов сообраќаат недоволен број на автобуси за пополнување на возниот ред и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.
Возниот ред се менува во зависност од тоа со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа, вели Кушовски, посочувајќи дека претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред. Во моментов, вели, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235 автобуси.
– Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Ние не сме ни од далеку близу да го покриеме тој зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје, рече Кушовски.
Прашан зошто дисплеите на автобуските постојки не го покажуваат точниот возен ред, Кушовски вели согласно интерните акти, ЈСП не може да направи промена на возниот ред.
– Не можеме, согласно интерните акти, бидејќи возниот ред се утврдува преку Совет на Град Скопје и ЈСП не може сам да направи промена на возниот ред. Може да даде предлог до секторот сообраќај до Град Скопје и после до Советот за тој возен ред се прифати. Ние тоа го правиме во моментов, јас сум само еден месец тука, но сакам тоа квалитетно да биде направено, да не биде само направено дека нешто сме сработиле за да може да го дадеме предлогот понатаму, рече Кушовски.
Директорот тврди дека сите автобуси кои сообраќаат се технички исправни, поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат во базите на ЈСП, но како што рече, возниот парк е стар повеќе од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект.
– Сите автобуси поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат основните работи во нашите бази. Но сите ние сме учесници во сообраќајот и знаеме дека со возен парк стар 13 години и повеќе, тековно може да ни се случи каков било дефект, на кои секојдневно се менуваат и возачи и сообраќаат по многу километри на дневна основа и затоа кажувам автобуси кои што во моментот имаат круцијални дефекти, како што се кочници, според моите информации кои што ги добивам од службите не се пуштаат во сообраќај. За светло или некоја гребнатинка која што настанала во текот на возењето може да се случат такви работи, рече Кушовски.