Факултетите и научните установи можат да аплицираат за модернизација на лабораториите

by fokus

Министерството за образование и наука со согласност од Владата, по цела деценија повторно ја отвори можноста за факултетите и научните установи во државата да аплицираат за средства од државниот Буџет со кои ќе ги унапредат своите научно–истражувачки капацитети преку модернизација на условите во лабораториите. Вкупно 17,3 милиони денари за оваа намена ќе бидат распределени преку јавниот повик кој е во тек и може да се погледне на следниот линк. 

-На повикот, со свои предлог-проекти за развој на лабораториските ресурси можат да се пријават државните универзитети – факултети/научни институти и јавни научни установи – националните научни институти, како самостојни ентитети кои вршат дејност од посебен и јавен интерес за државата. Аплицирањето трае до 20 септември, соопшти МОН.

Од ресорното Министерство информираат дека предвидени се три типа поддршка. Тоа се: доделување средства за формално признавање на компетентноста на лабораториите, на пример преку акредитација на методите кои ги применуваат во работењето, поддршка за одржување на техничката компетентност и воведување нови аналитички методи во рамки на лабораториите и поддршка за набавка на опрема, што подразбира модернизација на лабораториската инфраструктура.

-Еден од условите за добивање средства е ресурсите кои ќе се обезбедат, не само да бидат достапни за истражувачкиот персонал вработен во рамки на установите, туку пристап до нив, за истражувачки и едукативни цели треба да им се обезбеди и на надворешни корисници, односно научници и истражувачи со идеи за проекти од особена важност за државата и јавниот интерес, стои во соопштението.

Поврзани новости