Неделните пресеци укажуваат на тоа дека Р0 факторот, односно факторот на преносливост на вирусот се намалува, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на Tематскиот форум „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Цивика мобилитас.
Според него, неблагодарно е да се каже дали ова ќе биде тренд или ќе продолжи да се шири.
– Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, затоа што очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, пратиме како ќе биде овој период пред нас, рече Филипче.
Тој потенцира дека не може да има еден идентичен проткол за лекување од оваа болест.
– Секој пациент треба да биде воден од самиот матичен лекар. Мора да се направи проценка врз основа на клиничката состојба на пациентиот, затоа што видовме многу сценарија за оваа болест што уште еднаш не враќаат на заклучокот дека имаме работа со непознат вирус, рече Филипче.
Во однос на тестирањето, според Филипче, брзите тестови кои се на располагање малку ја променија сликата и најави дека ќе биде дистрибуирано дополнително количество тестови.
– Имаме некои најави дека има некои специфични лекови, тоа се оние специфични моноклонални антитела кои директно помагаат за оваа болест. Ни се понуди и аплициравме, ЕУ ни понуди да бидеме дел од заедничката набавка тогаш кога ќе биде на располагање. Така да влеговме во тој систем, доколку тој лек се потврди за да биде конкретно наменет, заклучи Филипче.