Искрено верувам дека со тоа што Северна Македонија ги започна пристапните преговори за членство во ЕУ, е на пат за цврсти реформи, макотрпна работа, што ќе ја внесат државата во ЕУ во 2030 година, нагласи министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, вечерва во тема на денот на Сител телевизија.
Самиот факт што Северна Македонија ги започна пристапните договори, потенцира таа, е историски чекор.
Фајон наведе дека раговарала со многу претставници од политиката, граѓанското општество, со стопанственици и се што можам да кажам, истакна, е најнапред искрени честитки до Северна Македонија за храброста, зашто не беше едноставно да се прифати францускиот предлог за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, но државата го направи единственото правилно.
– Јас ќе гарантирам, исто така и Словенија, дека билатералните прашања нема да бидат дел од пристапните преговори. Посакувам во Северна Македонија и опозицијата и власта и општеството да осознаат дека патот во ЕУ е единствен пат што ќе гарантира солидарност, цврсти вредности и благосостојба на луѓето, рече Фајон.
Нагласи дека може да гарантира цврста поддршка од Словенија, со нејзините искуства и како пријателска држава дека ќе помогне да нема билатерални прашања, да не дојде до губење на идентитетот, јазикот.
– Северна Македонија оваа седмица го потпишува Договорот со Фронтекс каде многу јасно ќе стои македонски јазик. Значи стравот дека земјата го губи идентитетот е неоснован, истакна Фајон.
Сега започнува периодот на скрининг, рече таа и порача дека е потребно државата, доколку е можно да се придржува кон временската рамка.