Најновата членка на НАТО, Северна Македонија, според некои статистичари, можеби загуби и до една четвртина од своето население, откако беше единствената земја што мирно се одвои од Југославија во 1991 година, наведува лондонскиот весник „Фајненшал Тајмс“ во текст под наслов „Северна Македонија се соочува со демографски предизвик“.
Весникот го цитира претседателот Стево Пендаровски, според кого, падот на населението е најголемиот предизвик за Балканот. – Ако во првите децении (од распадот на Југославија) нашата најголема закана беа етничките тензии, во текот на последната деценија тоа е демографија: се поголем број луѓе заминуваат, ја пренесува „Фејнешл Тајмс“ изјавата на шефот на државата.
– Со пописот во 2002 година во земјата се регистрирани речиси 2,1 милиони луѓе. Анализата на регистрите на родени и на починати, како и даночните и други бази на податоци, наведоа повеќе експерти на заклучок дека реалното население сега е близу до 1,6 милиони, наведува лондонскиот весник, пренесувајќи го ставот на Пендаровски дека „трендовите се прилично јасни и никој не предвидува дека падот на населението ќе запре или ќе забави“.
„Фајненшл Тајмс“ потсетува дека пописот кој првично беше најавувано да се одржи оваа година беше одложен поради предвремените парламентрани избори, додавајќи дека владејачките социјалдемократи предлагаат тој да се организира во април следната година.
– Пописот во минатото беше одлаган поради неподготвеноста да се потврди прецизно етничкиот состав на населението меѓу Македонците, Албанците и другите малцинства. Пописот од следната година во Северна Македонија треба да обезбеди важни податоци за стапките на вработување и природниот прираст, смета авторот на статијата.
Весникот потенцира дека како и во другите европски држави, стареењето на населението ги оптоварува јавните финансии на земјава.
– Северна Македонија има околу 350.000 пензионери, а субвенциите на државните пензински фондови беа на ниво од 4,5 отсто од БДП на земјата во 2018 година. Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за економски студии и поранешен советник на министерот за финансии, вели дека падот на населението и емиграцијата ги намалува и бројноста на човечкиот капитал и потенцијалот за долгорочен економски раст, додава „Фајненшл Тајмс“.
Весникот потсетува дека конечно кон крајот на март ЕУ одобри почетокот на преговорите за членство со Северна Македонија, но наведува дека зачленувањето во Унијата нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на населението, посочувајќи ги примерите со Хрватска и Бугарија кои се соочија со голема емиграција по приемот во ЕУ.