Фајнанс тинк: Благо зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста

by Fokus

Институтот за економски истражувања Фајнанс тинк во најновиот макроекономски извештај оценува дека негативната стапка на БДП во првиот квартал од годинава е последица од третиот бран на пандемијата кој беше проследен со рестриктивни мерки.

– Во првиот квартал од 2021, БДП се намали за -1,9 проценти на годишна основа како резултат на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери. Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14.500 МКД по работник“ и еднократната парична помош за ранливите групи граѓани – ја задржа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0,4 проценти). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2020 намалување од 2,2 проценти), се наведува во извештајот.

Инвестициите, како што се посочува, забележале остар пад од 16,6 проценти што било рефлексија на воздржаноста од преземање на позначајни потфати, но надворешната трговија покажала знаци на подобрување, односно раст на извозот од 8,6 проценти и на увозот од два процента.

На производната страна, најголем дел од дејностите се на исто или блиску до нивото од првиот квартал од 2020 година, освен преработувачката индустрија која бележи пад од 6,2 проценти.

Невработеноста бележи благо намалување на 16 проценти, а вработеноста благо зголемување од 46,8 на 47,1 процент што според „Finance Think“ упатува на стабилизирање на пазарот на труд.

– Нема понатамошна пасивизација на активното население која беше интензивна во вториот и третиот квартал од 2020, но нема ниту позначајни знаци на реактивирање, оценува „Finance Think“.

Поврзани новости