Фабриката „Слобода“ во Чачак, каде што минатата недела имаше повеќе експлозии, од денеска повторно работи. Како што објавуваат српските медиуми, работниците се вратиле на работа од 6 часот утринава и погоните за производство се повторно ставени во употреба.
-Почнато е производството, освен во погоните за пиротехника, каде што постои одреден ризик за работниците, па ќе почекаме уште два дена да се вратат работниците и во тие погони, изјавил за Танјуг директорот на фабриката Зоран Стефановиќ.
Од фабриката формирале и посебна комисија која треба да процени колкава штета е предизвикана, како и да ги утврди причините за несреќата.
Во четвртокот околу 1 и 30 часот по полноќ се запали магацинот на фабриката каде што се складирале делови за склопување запалки. Во текот на ноќта следуваа повеќе експлозии кои предизвикаа огромни материјални штети. Според првите проценки што ги соопшти претседателот Александар Вучиќ, станува збор за штета од 1,5-2 милиони евра.
Освен материјална штета, во пожарот немаше жртви ниту повредени, а работниците и околното население беа навреме евакуирани.