Поединци сакаат да соберат политички поени, за да излезат херои пред граѓаните, и собираат потписи, а не се знае од што го спасуваат градот, со што ги ставаат граѓаните во заблуда, вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, по повод петицијата во градот на која се собираат потписи против изградба на регионален центар за третирање на отпадна гума.
Во изјава за локалната КТВ, тој вели дека во Кавадарци никогаш нема да се дозволи да се гради фабриката за рециклажа на гума.
-Ова е на политичка база! Требаше да се презентира студија, но тоа не беше дозволено од неколкумина во општинската сала.
Без оглед на тоа, нема да има одобрение за градење на фабрика. Инвеститорот нека си бара друга локација. Дека нема да се гради фабриката ќе биде кажано и со одлука на Совет.
Јавноста да не споделува заблуди и да не си го троши времето за потпишување, бидејќи нема потреба! Нема да има центар за третирање на отпадна гума во Кавадарци – истакна Јанчев.
Инаку, во градот од средата започна собирање на потписи против изградба на центарот, инвестиција на скопската фирма Ековатив Оил ДООЕЛ, која била формирана пред една година, со цел да го изгради центарот.
Вчера, во изјава за ,,Фокус” еден од инвеститорите, Стефан Мандиќ, истакна дека се одлучиле за отворање на центарот во Кавадарци, бидејќи се наоѓа на добра локација, во централна Македонија.
Порача дека градот ќе има бенефиции, од 30 до 50 директни вработувања, како и околу 50 индиректни вработувања и тврдеше дека ќе се работи според современи стандарди, без загадување на животната средина и без опасност за јавното здравје.
Вики Клинчарова