Полицајците од полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро со оперативниот план Безбедно лето на Министерството за внатрешни работи, кој се спроведе од почетокот на јули до средината на септември, извршиле прегледи на 51 лице, на 18 пловни објекти, на 22 моторни возила, преземеле и 9 заеднички патроли со инспектор за внатрешна пловидба.
“Изразив посебно задоволство од спасувачките акции кои ги реализираше оваа организациона единица, постапувајќи по 7 пријави пристигнати во СВР Охрид, при што во три различни настани биле спасени 10 лица и извлечени од водите на Охридското Езеро, кои поради лоши временски услови имале проблеми со пловните објекти, а на едно лице му била укажана прва помош.
Успешно се пронајдени и еден глисер без екипаж, како потоната педалинка, без екипаж, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посетана на станицата.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека охридската полиција казнила 27 сторители за 46 сторени прекршоци за непридржување на ограничувањата за пловидба, немање продолжено важност или неносење на пловидбената дозвола, управување странски пловен објект без да поседува Одобрение издадено од Капетанија на пристаништата – Охрид, како и немање или неносење Уверение за оспособеност.
-Откриени и санкционирани се пет сторители и тоа за вршење риболов на риболовни води забранети за вршење риболов и движење и задржување во непосредна близина на риболовни води со носење на рибарски мрежи. Меѓу другото, откриен е и царински прекршок, при што привремено бил одземен еден пловен објект, соопшти МВР.
Езерската полиција како што информираат од МВР, пред три години е зајакната со пет пловни објекти, од кои два се набавени од буџетот на МВР, а останатите се донација од Чешката Република.
-Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера, соопшти МВР.