ЕЗ бара воена помош од ОН – се распоредуваат „сини шлемови“

by Фокус

Војните во поранешна Југославија, имено, секојдневно се разгоруваа. Кон крајот на 1991 година, Европската заедница сѐ повеќе стануваше свесна за важноста на воениот елемент во враќањето на мирот. Но, сознанието дека некој однадвор треба да војува за да се воспостави мир во поранешната федерација, стана извор на понатамошни поделби и во сојузот на европските држави.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Откога го информирав парламентот, им упатив писмо на членовите на Советот на министрите на Европската заедница. Тоа беше скратена верзија на она што го кажав пред народните избраници на Македонија.

Принцип на моето поведение беше никогаш да не правам политички заткулисни маневри, зборувајќи едно дома, а нешто сосема друго надвор. Фактот дека до својата деветнаесетта година бев живеел на три континенти, ме направи отпорен на нашиот ориентален менталитет, толку карактеристичен и за нашето политичко поднебје.

Генерации студенти сум образовал да ја зборуваат само вистината. Немојте да мислите дека кај пристојните западни соговорници поминуваат нашите итрини, ги предупредував исто онака како што една инструкција до британските дипломати од „Форин офисот“ од деветнаесеттиот век гласела: секогаш во комуникацијата да се држат до вистината оти луѓето од Истокот се апсолутни шампиони во мамење.

ОДРЖУВАЊЕ НА МИРОТ

Немојте да се подбуцнувате со лактите ниту да вртите со очите кога се договарате за нешто конкретно зашто тие тоа веднаш ќе го забележат и ќе знаат дека немате намера да се држите до зборот, ги предупредував студентите.

Затоа никогаш во тие судбински години за државата не кажав нешто во што не сум верувал. Тоа ми носеше углед, почит и доверба кај странските соговорници, но како што разбрав подоцна, тоа, сепак, не е доволно.

Потребно е политичарот да може да го „испорача“ договореното. Мојата нормалност во комуникацијата со претставниците на западните држави и истрајноста на принципите на нова Европа беше во целосен контраст со лудилото на етничките колежи во поранешната држава. Војните во поранешна Југославија, имено, секојдневно се разгоруваа.

Кон крајот на 1991 година, Европската заедница сѐ повеќе стануваше свесна за важноста на воениот елемент во враќањето на мирот. Но, сознанието дека некој однадвор треба да војува за да се воспостави мир во поранешната федерација стана извор на понатамошни поделби и во сојузот на европските држави.

Некои, како Франција, беа за испраќање сили за одржување на мирот, додека други, како Велика Британија, беа изрично против. Растеше сознанието дека е нужно ЕЗ да го сподели товарот на војните во Југославија со ОН. Тоа, пак, предизвика нови несогласувања, овојпат во некогашниот сојуз на југословенските држави.

Иако, во еден момент и Хрватска и Сојузното претседателство, со кое доминираше Србија, побараа сини шлемови на ОН, тие не се согласуваа околу нивната локација. Хрватска бараше да бидат распоредени на границите и во одбрана на територијалниот интегритет на новите држави додека Србија бараше трупите да застанат меѓу завојуваните народи, легитимирајќи ги така своите територијални освојувања.

ВОЈНАТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА

На 15 декември 1991 година, Советот за безбедност донесе Резолуција 724, со која се предвидува испраќање мал контингент воен персонал, кој би ги извршил подготовките за евентуална идна мировна мисија.

На 6 јануари 1992 година испраќа на терен педесетина воени набљудувачи на ОН, додека два дена подоцна, Советот за безбедност, со нова Резолуција 727, ја потврдува мисијата во која беа предвидени и руски војници.

На иницијалните борби во Словенија, сега обидот беше војната да се локализира и да запре во Хрватска. Уривањето на хеликоптерот на ЕЗ од страна на српските сили, во кој загинаа пет набљудувачи ја соочи меѓународната заедница со фактот дека на територијата на поранешна Југославија се води вистинска војна.

Специјалниот пратеник на Бутрос Гали, Јајрус Венс бара меѓу 12.000 и 15.000 војници, кои би се распоредиле во Хрватска, така што веќе во февруари, Советот за безбедност носи нова резолуција за испраќање на една од најголемите мировни мисии во историјата на ОН – УНПРОФОР.

Создаден од сили од околу триесет држави под водство на индиски генерал, УНПРОФОР брои 11,000 персонал и 3.000 цивилен персонал. Слики на катадневни убивања, уривања и палења го оправдуваа напорот на меѓународната заедница да ја сопре војната тука во Хрватска, пред да се прелее во Босна и Херцеговина.

Но, Босна беше како складиште на динамит и сѐ што беше потребно за да отпочне војна беа политичари што ќе ја предизвикаат експлозијата. Таму, ЈНА и федералните власти концентрираа големо количество оружје од другите делови на Југославија, предавајќи им го на локалните Срби, а и другите страни се вооружуваа преку свои канали.

Во своето Мислење бр. 6, Арбитражната комисија утврди дека босанската апликација за независност е некомплетна, затоа што не ја изразува вистинската волја на целата нејзина популација. Комисијата на Бабинтер ѝ предложи на Босна да ја отклони оваа пречка за признавање „…можеби преку референдум на сите граѓани на БиХ без дистинкција, спроведен под меѓународен надзор…“.

ПРЕВЕНТИВЕН МОНИТОРИНГ

Тогаш, властите во Сараево организираа референдум набљудуван од КЕБС, кој е бојкотиран од српското население. Така, со мнозинство на гласови на босанските муслимани и босанските Хрвати, мнозинство од 63 проценти од целокупното население на републиката, Босна и Херцеговина ја прогласи својата независност.

Непосредно по референдумот на 1 март никнаа првите барикади во Сараево. Снајперисти почнаа да пукаат во луѓето. Крвопролевањето почна. Веќе кон крајот на месецот имаше борби на секој против секого – се убиваа босански Срби со босански муслимани, босански Хрвати со босански Срби, за подоцна да се убиваат и босански Хрвати со босански муслимани.

За да стори нешто во заштита на новата држава, ЕЗ, на 6 април 1992 година ја признава новата држава, предизвикувајќи така невидена експлозија на меѓуетничка омраза, проследена со една катастрофална војна. Меѓународното признавање не беше лек за болеста – војната.

Дома, во Македонија, темата за безбедноста на државата, редовно ја расправавме со претседателот, како меѓусебно, така и на седниците на Советот за безбедност. Особено нѐ загрижуваше непредвидливото поведение на ЈНА, како и на српските, и на грчките политичари, кои ни упатуваа заканувачки пораки поткрепени со опасни гранични инциденти.

Свесен дека во меѓународните односи, слабоста на една држава е секогаш отворена покана за агресија од посилна, постојано барав начини да го компензираме тој недостиг од моќ на младата држава Македонија.

Седнувам и му пишувам писмо на претседателот на Советот на Европската заедница, холандскиот министер за надворешни работи, Ханс ван ден Брук, во кое ја образложувам потребата за превентивен мониторинг од страна на членките на Заедницата на границите на Македонија.

(Продолжува)

Поврзани новости