Нашата минатогодишна евровизиска претставничка Тамара Тодевска, наскоро ќе има свое гостување во Амстердам, Холандија.
Настанот ќе се случува во популарниот културен центар ,,Мелквег” на трети април и е дел од низата концерти на Тодевска низ Европа во изминатиот период, по враќањето од Евровизија, каде што беше на врвот според гласовите на стручното жири.
Таа и во минатото има настапувано во Холандија, а минатата есен имаше настапи и во Шпанија, Данска и Холандија.
Лани во декември во Тирана, Албанија, ја доби престижната награда за најдобар интернационален изведувач на музичкиот натпревар ,,Кенга меџик” (Магична песна) во организација на ТВ Клан. Таму ја промовираше својата нова песна ,,Монстерс” (Чудовишта), со музика на Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски, а текст на Коста Петров.
На 10-ти јануари годинава, пак, настапи во Лондон, во најстариот геј-клуб во Англија, популарниот Royal Vauxhall Tavern, на настанот наречен ,,Еурофест”.
Евровизијата и ги отвори вратите на Тодевска, која што по успешниот настап е се почеста гостинка низ Европа.
Вики Клинчарова