Евровизијата е прескапа за нас, Бугарија нема да учествува на Евросонг 2019

by fokus

И покрај високите пласмани во изминативе три години, сепак Бугарија нема да учествува на Евросонг 2019 во Тел Авив. Бугарскиот национален сервис БНТ пред два месеци излезе со официјално соопштение до јавноста, каде ги појасни причините за откажаното учество на музичката манифестација.

-Одлуката се базира на финансиски причини, бидејќи цената на проектот е далеку повисока од капацитетот на БНТ – појаснија од националниот сервис. Васил Иванов, шеф на бугарската прес служба порача преку својот Твитер налог дека Бугарија нема да учествува на Евросонг 2019, но нивното патување не е завршено.

-Како шеф на ПР службата на Евровизија – Бугарија, ви ветувам дека ќе го одржам жив евровизискиот дух во мојата земја. Ова не е последното од нашиот тим. Ќе се вратиме подобри и посилни – порача тој.

Изминативе три години учесниците од Бугарија имаа забележителни резултати на Евровизија. Во 2016 година Поли Генова го освои четвртото место, а наредната, 2017 година, младиот Кристијан Костов го освои второто место. Лани пак, Еквинокс и го донесо четиринаесеттото место на Бугарија со песната ,,Коски”. Македонија, и покрај константните лоши пласмани не се откажува од Евросонг.

Минатата седмица, од МРТ за „Фокус“ појаснија дека целиот проект, Детска Евровизија и Евровизија ќе не чини помалку од 150.000 евра, средства за кои што одговорните сметале дека се премалку, имајќи ги во предвид буџетите на другите земји учеснички.

Вики Клинчарова

Поврзани новости