Во тек е 68-то издание на популарното музичко шоу Евровизија 2024 кое годинава се одржува во Малме, Шведска. Во големото финале учествуваат 26 земји, а настанот се пренесува во стотици земји ширум светот.
Токму поради големата промоција која ја имаат земјите учеснички, чии настапи ги гледа милионска публика, да се биде дел од Евровизија, а и да се победи на натпреварот, секогаш било голем предизвик за државите кои испратиле свои претставници.
Но, според она кое може да се види на сцената последниве петнаесеттина години, Евровизија се повеќе се оддалечува од својот првичен концепт, кога на сцената доминираа изведувачи во елегантни изданија и кои зад себе оставија квалитетни рефрени кои се пеат со децении.
Сега, како да станува збор за натпревар на кој ќе се покаже поголема контроверзност, голотија, екстремност, и на прсти можат да се избројат оние изведувачи кои се одлучиле за модерно и елегантно издание, со цел во центарот на вниманието на публиката да биде песната која се изведува, а се повеќе внимание се посветува на што е можно поекстремниот настап.
Барем годинава, на сцената можеме да видиме пејачи со сатански стил, мажи стегнати во латекс корсети, мажи во танга и мрежасти хулахопки, жени кои како да настапуваат во стриптиз бар, а не на големата евровизиска сцена.
Настанот, според она кое се нуди, дури и треба да има возрасно ограничување за најмладата публика, е коментар кој често може да се слушне.
Големите АББА, Селин Дион, Џони Логан и бројни други ѕвезди, чии победнички евровизиски песни и денес се актуелни во етерот, своевремено победуваа со едноставни стајлинзи, промовирајќи ја првенствено песната, но и достоинствено промовирајќи ја својата земја.
Како едно големо евровизиско ,,чудо” кое на некој начин како да ја предизвика оваа невообичаена промена на Евровизија, беше настапот на Кончита во 2013 година, кога пејачот со брада настапи облечен и стилизиран како жена. И покрај тогашниот шок на пошироката светска јавност, сепак Кончита а однесе победата, по што на некој начин како да тргна лавината и натпреварот да се настапи што е можно поекстремно, да се привлече внимание, да се биде забележан, па дури и по цена на невкус и непочитување кон евровизиската публика која на сцената бара квалитетни песни и сценографија со која достоинствено се претставува една земја.
Што се случи со Евровизија, е прашањето кое веќе подолг период многумина си го поставуваат. Дали ова се трендовите кои ги носи новото време на живеење и дали секој може да се пронајде во нив, па и да го воодушеват?
Инаку, Македонија вечерва нема да настапи на Евровизија, бидејќи втора година по ред не учествува поради финансиска криза. Во минатото, нашите претставници ретко кога се одлучиле за екстремен стајлинг и најчесто настапувале во елегантни комбинации.
Вики Клинчарова